Бразил штиклиран, Шпанија и понатаму гази во Токио

Селекцијата на Шпанија по минималните триумфи над Германија и Норвешка, ја забележа и третата победа на Олимписките игри во Токио, откако славеше над Бразил со убедливи 25-32.

Јужноамериканците беа тие што го диктираа резултатот во првиот дел и најчесто имаа предност, во два наврати и плус четири (8-4, 9-5). Во продолжението европскиот првак заигра посериозно и стигна до реми, 13-13, а по 16-15, Шпанците преку Гурбиндо, Соле и Ентрериос направија серија од три гола за 16-18 на паузата.

Во вториот дел цело време водеше Шпанија со два или три гола, се до последните десетина минути кога нивната предност дојде до плус четири, 22-26. Бразилците искористија две грешки и преку Пјетруш на 24-26, но во продолжение имаа исклучен играч и примија голови на празна мрежа за 24-28.

Кога Душебаев стрелаше за 24-29 на три минути до крајот веќе беше јасно кој ќе го однесе целиот плен од овој натпревар. Најдобри стрелци во победничката селекција беа Соле со пет, како и Ентрериос, Фигуерас и Гомес кои дадоа по четири, а голманот Де Варгас имаше 13 одбрани. Кај Бразил се истакна Силва со шест погодоци.