Зошто регионалната лига најмногу му треба на Партизан, а не на Македонија

Србија најсилно ја турка регионалната ракометна лига, затоа што токму на Партизан и на српскиот клупски ракомет вакво натпреварување во овој момент им е најпотребно, додека Македонија нема ниту спортска ниту финансиска причина да брза со влез во таков проект.

Србија најмногу ја турка приказната за регионална ракометна лига, а ако се погледне кому такво натпреварување најмногу би му значело, тогаш одговорот речиси сам се наметнува – на Партизан. Во српските медиуми темата со недели се форсира како следен голем чекор за клупскиот ракомет, а најновите текстови од Белград отворено ја туркаат тезата дека токму Партизан е „најголем губитник“ затоа што засега нема вистинска регионална лига. Тоа практично е и најдобрата потврда дека Србија во оваа идеја влегува од потреба, а не само од визија.

Што беше договорено во Скопје

На состанокот во Скопје беше договорено регионалната лига да се формира во полн формат од сезоната 2027/28, и тоа и во машка и во женска конкуренција. Следната сезона треба да биде пробна и турнирска.

Во машка конкуренција е предвиден модел со 10 клуба, по четири од Македонија и Србија и по два од Црна Гора, додека кај жените би играле по две екипи од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.

За сезоната 2026/27 е прифатено преодно, скратено решение, односно пилот-проект, во кој треба да се одиграат три регионални турнири во Скопје, Подгорица и Белград. Воедно, не се затворени сите оперативни детали, па токму затоа е најавен нов состанок на 20 мај во Подгорица, каде треба дополнително да се усогласат моделот, календарот и организациските прашања.

Зошто на Партизан најмногу му треба регионална лига

Партизан денес има тим и амбиции со кои веќе ја надраснува српската сцена. Во Србија конкуренцијата е ограничена, а кога еден клуб почнува да ги оттурнува домашните ривали, логично е да бара посилен натпреварувачки ритам.

Токму таму регионалната лига за Партизан станува суштински важна, би донела повеќе тешки натпревари, посилен интензитет, поголема медиумска видливост и подобра подготовка за Европа. Со други зборови, Србија најмногу сака регионална лига затоа што токму на нејзините најсилни клубови, пред се на Партизан, им недостига тој среден чекор меѓу домашната доминација и европскиот врв.

Зошто Македонија не брза

Но, од македонска перспектива, сликата е поинаква. Македонија во моментов не ја гледа регионалната лига како спас, туку како проект што мора многу внимателно да се измери. За македонските клубови ваквата лига може да изгледа привлечно на хартија, но во пракса да донесе повеќе товар отколку реален бенефит.

Главниот проблем е календарот, затоа што клубовите од врвот веќе имаат сериозни обврски дома и во Европа, а дополнителен регионален фронт би значел нови патувања, згуснат распоред и уште поголеми трошоци.

Што би добиле, а што би загубиле македонските клубови

Токму затоа македонските клубови немаат причина да влезат веднаш и по секоја цена. Тие од регионалната лига би добиле повеќе дерби натпревари, поголема регионална промоција, можен раст на спонзорскиот интерес и уште еден простор за афирмација.

Но истовремено би ризикувале да ја намалат тежината на домашната лига, да ја потрошат свежината за европските натпревари и да влезат во проект што во овој момент нема до крај затворена финансиска и организациска конструкција. Токму тоа е и суштината на дилемата – дали Македонија треба да влезе во лига што можеби повеќе ќе им користи на другите, отколку на нејзините клубови.

Македонија во моментов има најсилна лига во регионот

И тука е клучната разлика меѓу Србија и Македонија. Србија гледа потреба, Македонија гледа ризик. Србија бара дополнителен квалитет што очигледно не го добива доволно често дома. Македонија, пак, веќе има лига во која има повеќе силни и изедначени екипи, со повеќе екипи што можат да понудат сериозни натпревари. Тоа го покажа и последниот Ф4 во Купот на Македонија каде шампионот Еурофарм Пелистер уште во полуфиналето загуби од Охрид, а токму охриѓани беа на милиметри да направат и ново изненадување во финалето.

Македонската лига во овој момент е најсилна во регионот, а тоа значи дека македонските клубови не влегуваат во оваа приказна затоа што мораат, туку само ако проценат дека навистина ќе добијат нешто повеќе од тоа што веќе го имаат.

Српските медиуми постојано притискаат

Во српските медиуми притисокот е постојан. Темата за регионалната лига не се отвора повремено, туку постојано се одржува во живот, што покажува колку таму очекувањата се врзани за ваков проект. Не е тешко да се прочита пораката меѓу редови – на Србија и треба регионална лига за нејзините најсилни клубови да добијат поголем простор за развој, а Партизан е клубот што најмногу би профитирал од тоа.

Се спомеува во кулоарите и проодност во ЕХФ, можеби и место во Лига на шампиони. Но, засега е тоа само сон и желба. ЕХФ веќе најави критериуми по кои ќе го пополнува местата во ЛШ, а тоа сигурно нема да биде преку Регионални лиги.

И Будуќност испрати јасна порака

Дополнителен показател дека скепсата не е само македонска доаѓа и од Црна Гора. Женскиот клуб на Будуќност веќе одби да игра во предложениот формат за сезоната 2026/27, со образложение дека натпреварувачката и финансиската рамка не се доволно јасно дефинирани, а клубот има и обврски во Лигата на шампионите. Тоа е важен сигнал и за Македонија, затоа што покажува дека и други сериозни клубови во регионот не сакаат да влезат во проект што уште не е цврсто поставен.

Во меѓувреме, и самата приказна за регионалната лига се менува. Најавите, форматот и временската рамка неколкупати се поместуваат, што само дополнително ја оправдува резервата кај македонските клубови. Кога нема јасна финансиска структура, кога не е целосно прецизиран календарот и кога не е до крај расчистено што добива секоја страна, тогаш е сосема логично Македонија да не брза.

Регионална лига може да биде добра идеја, но само ако не служи првенствено како одговор на српските потреби, туку како вистинска вредност и за македонските клубови.