Првиот човек на унгарскиот ракомет удри по ИХФ: Тешко е да се прифати ваква одлука…

Унгарската ракометна јавност е во шок по одлуката на ИХФ, двете вајлд-карти за Светското првенство 2027 да им ги додели на Турција и Саудиска Арабија, оставајќи ја Унгарија без место на Мундијалот. Одлуката предизвика бројни реакции, а најгласен беше претседателот на Унгарската ракометна федерација, Ференц Иљеш.

Првиот човек на унгарскиот ракомет призна дека федерацијата направила сè што било во нејзина моќ за да обезбеди покана за Светското првенство, но дека на крајот одлуката на ИХФ била поинаква.

„Секако дека сме разочарани. Тешко е да се прифати дека нема да бидеме дел од Светското првенство, особено ако се земат предвид резултатите, традицијата и местото што Унгарија го има во светскиот ракомет. Поднесовме кандидатура и верувавме дека имаме реални шанси да добиеме вајлд-карта“, порача Иљеш.

Од ИХФ објаснија дека при изборот на двете селекции биле земени предвид повеќе фактори, меѓу кои развојот на ракометот на глобално ниво и ширењето на спортот на нови пазари, по што поканите завршија кај Турција и Саудиска Арабија. Турција за првпат во историјата ќе игра на Светско првенство, додека Саудиска Арабија ќе го забележи своето 11. учество на мундијалите.

Одлуката е уште поболна за Унгарија ако се знае дека станува збор за една од најсилните европски селекции во последните години, редовен учесник на големите натпреварувања и земја која во 2027 година ќе биде домаќин на Светското првенство во женска конкуренција.

Светското првенство 2027 ќе се игра во Германија од 13 до 31 јануари.