Забже беше на прагот до сензација против Висла Плоцк

Ракометарите на Висла Плоцк потешко од очекуваното триумфираа над незгодниот Горњик Забже со 24:22 во натпревар од 23. коло од шампионатот на Полска.

Горњик Забже до финишот беше во игра барем за бод, но по нерешените 22:22, избраниците на Хавиер Сабате со два гола во низа стигнаа до важен триумф.

Најефикасен во победничката екипа беше Тин Лучин со седум погодоци, по три постигнаа Житников и Крајевски.

Листата на стрелци во поразениот табор беше предводена од репрезентативецот на Украина, Дмитриј Илченко, кој во мрежата на гостите имаше четири реализации.

За потсетување, ракометарите на Горњик Забже во Лигата на Европа успеаја да направат сензација победувајќи го бундеслигашот Рајн Некар, па така амбициите на клубот допрва ќе се зголемуваат.

Висла Плоцк останува со максимален учинок во полскиот шампионат, сега има 23 од 23, односно 69 бодови, додека Горњик Забже е позициониран на трето место со 48 бодови.