Julian KÖSTER, North Macedonia vs Germany, Men's EHF EURO 2024 Germany, Berlin, Germany, 14.01.2024, Mandatory Credit © Uros Hocevar / kolektiff

Втор пораз на ЕП: Домаќинот Германија пресилен за Македонија

Македонија го доживеа и вториот пораз на Европското првенство 2024, откако вечерва е поразена од домашната селекција на Германија со  34:25  (13:8).

Германија-Македонија 34:25 (18:13)

Македонија одигра солидни десетина минути во кои имаше минимална негатива, но следуваше црн период во играта, пред се поради големиот број на технички грешки (10 на број) кој повторно се покажа кобен за нашата репрезентација. Германија немилосрдно казнуваше и при резултат 5:4 во 11.минута, со серија од 4-0 се одлепи на 9:4 на средината на првиот дел. Митев и Атанасијевиќ со два гола дадоа мала надеж дека можеме да се вратиме во игра, но Германија многу бргу се врати во истиот ритам и стигна до највисоки седум позитива 16:9. Позитивен впечаток во играта на Македонија во првото полувреме остави младиот Марко Митев кој покажа срце и спортска дрскост, и благодарение на неговите продори успеавме на полувреме да намалиме два гола од најголемата негатива за 18:13.

Edin OMERAGIKJ, Filip KUZMANOVSKI and Kiril LAZAROV (coach), North Macedonia vs Germany, Men’s EHF EURO 2024 Germany, Berlin, Germany, 14.01.2024, Mandatory Credit © Axel Heimken / kolektiff

Македонија тргна со напад во второто полувреме, и наместо да намали на минус четири, следуваше серија од три неодговорени гола на германците, по која дојдоа до највисоки 21:13. Јагуриновски и Костевски врзаа два гола за Македонија,се надоврза и Пешевски на линијата по што Македонија одговори со серија од 4:1, а на семафорот стоеше 22:17. Тоа беше аларм за Гисласон да повика тајм-аут. Серијата на Македонија беше прекината по исклучувањето на Никола Марковски, период во кој влеговме нова низа грешки, по кои Германија со лесни голови  за неколку минути ја врати највисоката предност од плус осум, 26:18. Во последната третина од мечот се играше израмнето, Германците одржуваа темпо, а на десетина минути до крајот дојдоа и до двоцифрена предност од 31:21. Во последните неколку минути прецизни стрелаа Митев и Јагуриновски, а точка на натпреварот стави Кнор за конечни 36:25.

Најпрецизен во нашата репрезентација беше Ненад Костевски со шест постигнати гола, а го следеше Жарко Пешевски со четири.  Кај репрезентацијата на Германија Кнор постигна десет.

Овој пораз за Македонија значеше и крај на надежите за пласман во следната фаза, додека пак домашната селекција го визираше пласманот во следната рунда.