Европската ракометна федерација ги пушти во продажба билетите за натпреварите од Европското првенство 2026 што ќе се игра во Романија, Полска, Турција, Чешка и Словачка. Женската репрезентација на Македонија е во група со Романија, Норвешка и Швајцарија и натпреварите ќе ги игра во „БТ Арена“ во Клуж Напока.
За натпреварите од групата во која игра Македонија во продажба се пуштени пакет-билети за прелиминарната рунда, односно за три натпреварувачки дена и вкупно шест натпревари.
Цените се движат од 33 евра за најевтината (околу 2.000 денари), четврта категорија, 50 евра (околу 3.000 денари) за трета категорија, 69 евра (околу 4.200 денари) за втора категорија и 97 евра (околу 6.000 денари) за прва категорија. За оние што сакаат ВИП влез, пакетот чини 413 евра.
Со еден билет навивачите нема да ги следат само натпреварите на Македонија, туку целата програма во групата, бидејќи станува збор за пакет за сите мечеви од оваа фаза во Клуж. Купувањето може да се направи на следиот линк – https://tickets.eurohandball.com/women2026
За македонската репрезентација ова ќе биде настап во исклучително силна конкуренција, со оглед дека во групата се и домаќинот Романија, Норвешка и Швајцарија. Сепак, за навивачите најважната информација во моментов е дека билетите веќе се во продажба и дека за место во салата ќе треба да се издвојат од 33 до 97 евра, зависно од избраната категорија, па може да почнат со резревирање на хотели и билети ако сакаат да ја бодрат Македонија.
























