Вардар останува без еден од голманите

Македонскиот шампион Вардар останува без уште еден член од ростерот кој ја освои двојната круна сезонава. Голманот Марко Богдановски и официјално се раздели со „црвено-црните“.

25-годишниот чувар на мрежата преку социјалните мрежи потврди дека повеќе нема да биде дел од Вардар и се збогуваше со соиграчите, стручниот штаб, управата и навивачите на клубот.

Богдановски пристигна во Вардар во јануари 2024 година од Аеродром, каде што беше еден од најзаслужните за историскиот пласман на клубот во Супер лигата. Во својата кариера настапуваше и за Металург, Јуниор КВ и Голден Арт, пред да го облече дресот на најтрофејниот македонски клуб.

Со неговото заминување продолжува реконструкцијата на играчкиот кадар во Вардар. Во новата сезона на голманската позиција тренерскиот тим ќе смета на Милош Валах, Васил Гогов и Милан Бомаштар.

Покрај Богдановски, клубот го напуштија и Мигел Еспиња, како и Мигел Пинто, Харуки Кавада, Марек Марчињак, Марио Танкоски, Николас Боно и Кристијан Стаменковиќ. Вардар веќе активно работи на формирање на тимот за новата сезона, во која покрај домашните обврски, многу веројатно ќе настапува и во Лигата на шампионите.