Тренерите едногласни: Не очекува интересен и неизвесен плеј-оф до крај!

Денеска со натпреварот меѓу Пролет и вицепрвакот од Автокоманда ќе започне плеј-оф фазата во суперлигашката конкуренција.

Ова можеби ќе биде најнеизвесниот плеј-оф во последните неколку сезони, ќе има голема борба за шампионската титула, но и за местата, кои што водат во Европа.

Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер во разигрувањето за титулата ќе стартува со два бода.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, смета дека само нијанси ќе решаваат на многу натпревари.

,,Mислам дека ова ќе биде најинтересното првенство во 33 години постоење на македонскиот ракомет. Ова е еден од највозбудливите плеј-оф сегменти во последните години. Има многу организирани и квалитетни екипи и некаде нема да се освојуваат лесни бодови. Има многу ривали, натпревари за играњe и сигурен сум дека детали ќе решаваат на многу натпревари. Долго е првенството и изненадување ќе направи екипата која ќе биде со најмалку повреди. Доста екипа ќе се борат за излез во Европа, тука мислам на Тиквеш, Охрид… и тука ќе бидат и најголемите изненадувања”, изјави Ангеловски.

Предводникот на Вардар, Владо Недановски, вели дека последниот дел од сезоната е најтежок.

,,Се работи за плејоф, секако ќе биде тешко. Имаме ростер за да го издржиме темпото што ќе биде. Последниот дел е секогаш најтежок. Сите екипи имаат високи амбиции, се засилија, и затоа сметаме дека ќе биде тешко. Кандидатите за титула се Вардар, Алкалоид, и Еурофарм Пелистер. Ќе решава секој меч, секој натпревар ќе биде тежок”.

Александар Јовиќ, кој е предводник на Пролет, очекува многу изненадувања во плеј-оф фазата.

,,Имаме квалитетни клубови, имаме квалитетни судии, сите заедно имаме одговорност да докажеме дека ракометот е спорт број еден во Македонија. Не очекува неизвесен плеј-оф, очекувам многу изненадувања и неизвесност до крајот на првенството”,

Интересна битка за првото место очекува тренерот на Бутел Скопје, Горан Кузманоски.

„Ќе биде интересно во битката за титулата. Иако не сум добар прогнозер, сметам дека три екипи ќе се борат за првото место – Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид. Мислам дека помеѓу нив, доста ќе значат нивните меѓусебни дуели и тука ќе се одлучи шампионот на Македонија. Сигурен сум дека овие три екипи нема да потцентат ниту една друга екипа од плеј-офот и затоа сметам дека ќе биде доста интересно, предвреме не можам да кажам кој ќе биде шампион, иако можеби малку давам предност на Еурофарм Пелистер“.

Според тренерот на Охрид, Стевче Алушовски, во плеј-офот секој може да победи секого.

,,Секој може да победи секого и верувам дека ниту една екипа нема да влезе со потценување на некој натпревар, во плеј-офот секој бод е важен, секој викенд ќе има многу дерби натпревари и убеден сум дека ќе гледаме квалитетен ракомет. Според мене, ова ќе биде најквалитетниот плеј-оф од осамостојувањето на Македонија”.

Со истата констатација се согласува и стратегот на Тиквеш, Раде Стојановиќ.

„Сите екипи во плеј-офот се квалитетни, Охрид, Еурофарм Пелистер и Вардар се значително засилени. Секој натпревар меѓусебно ќе биде дерби напревар. Клучна ќе биде ротацијата на играчи, физичката и тактичката подготвеност на тие натпревари“.

Амбициите на Струга во плеј-оф фазата ќе бидат да се покаже во добро светло и да даде добар отпор на домашен терен. Самиот пласман на Струга меѓу најдобрите осум екипи на домашна сцена е голем успех, бидејќи во клубот има голем број млади ракометари, кои сигурно ќе посакуваат да го покажат најдоброто од себе во плеј-оф фазата. Стружани ќе имаат тешка задача да се изборат за ТОП 5 и главниот фокус на клубот ќе биде добар настап во вториот дел. Тренерот Наум Танески на располагање има искусни ракометари од типот на Младеновски, Мојсоски, Тренчевски, Маркоски, Јанкуловски…тука е одличниот десен бек Бошњак, голманот Рикановиќ, како и младите сили од типот на Костоски, Велјаноски, Мечкароски, Матески, Гускароски…па сигурно другите екипи не смеат однапред да ги запишат бодовите против Струга.

Вицепрвакот од Автокоманда повторно ќе посакува добар пласман, oткако ланската сезона го освои второто место. Сега ќе биде тешко да се замеша во борбата за титулата, и за очекување е главниот збор да го имаат Вардар и Еурофарм Пелистер.

Ангеловски: Целите се јасни – одбрана на шампионската титула и Куп трофеј!

Недановски: Годинава ќе бидеме повнимателни – амбициите се титула

Јовиќ: Очекувам да ја играме најборбената одбрана и да му ги замрсиме сметките на некој

Алушовски: За Охрид секој меч во плеј-офот ќе биде финале!

Стојановиќ: Сите екипи во плеј-оф се квалитетни, секој натпревар ќе биде дерби!

Кузманоски: Не очекува интересен плеј-оф, секој бод и секоја победа ќе бидат значајни за нашата млада екипа