Кузманоски: Не очекува интересен плеј-оф, секој бод и секоја победа ќе бидат значајни за нашата млада екипа

Веќе в петок ќе се крене завесата на пролетниот дел од ракометната сезона во Македонија, која се очекува да биде многу интересна.

Тимот на Бутел Скопје е стандарден учесник во плеј-офот, односно разигрувањето за титулата, а дел од подготовките беа одработени во Грција.

Тренерот на бутелци, Горан Кузманоски е задоволен од пристапот на сите ракометари на тренинзите и од одиграните натпревари.

„Задоволен сум од пристапот на сите ракометари во подготвителниот период. На првиот тренинг дојдоа 80% подготвени, иако имаше пауза од десетина дена. Немавме повредени играчи. Втората недела игравме пријателски натпревари со странски екипи, а намерно избрав така поради тоа што сакав да имаме поквалитетни екипи за ривали, на рангот на македонскиот плеј-оф, но да не бидат овдешни. Летните и зимските подготовки се различни, заедно со професорот Кајчевски, кој се грижи за кондицијата, одработивме добри подготовки“, вели Кузманоски.

Тој вели дека секој бод и секоја победа во плеј-офот ќе бидат многу значајни за неговите момци.

„Не беа приоритет резултатите на пријателските натпревари, туку воиграноста на играчите. Целта ни беше примарно, да се пласираме во плеј-оф, сега ќе ни значи секој бод, секоја победа. Немаме некоја цел да освоиме некое место, но амбициите ни се да се покажеме подобро отколку во првиот дел. Сметам дека оваа сезона ќе имаме најтежок плеј-оф во последните неколку сезони.

Прилепчанецот вели дека против сите екипи, Бутел Скопје, ќе игра на ист начин и со иста мотивација.

„Конкуренти ни се сите, имаме подмладена екипа во споредба со претходните сезони. Ние против сите ќе играме на ист начин, со сите исто ќе бидеме мотивирани и нема да калкулираме, затоа што целта ни беше да избориме место во плеј-оф. Очекувам многу интересни натпревари, дома и гости, сите ќе бидат еден вид дерби“

Кузманоски смета дека три екипи ќе се борат за титулата, но дава мала предност на актуелниот шампион.

„Ќе биде интересно во битката за титулата. Иако не сум добар прогнозер, сметам дека три екипи ќе се борат за првото место – Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид. Мислам дека помеѓу нив, доста ќе значат нивните меѓусебни дуели и тука ќе се одлучи шампионот на Македонија. Сигурен сум дека овие три екипи нема да потцентат ниту една друга екипа од плеј-офот и затоа сметам дека ќе биде доста интересно, предвреме не можам да кажам кој ќе биде шампион, иако можеби малку давам предност на Еурофарм Пелистер“

Ростерот на Бутел Скопје од есенскиот дел од сезоната е истиот, но по повредите ќе се вратат левото крило Дамјан Субашевски и левиот бек Лука Иваниќ.

„Ростерот наш е затворен, немаше никакви промени. Левиот бек Лука Иваниќ имаше мала повреда, но би требало да се врати на терените во март, а левото крило Дамјан Субашевски кое паузираше во првиот дел од сезоната се враќа веројатно од средината на овој месец. Имаме доста и млади играчи, кои доаѓаат од нашиот младински погон, приклучивме на тренинзите и играчи од кадетската екипа. Ќе добијат сите шанса во плеј-офот, верувам ќе се покажеме во најдобро светло. Најважно е што поминавме без некои повреди, затоа што немаме некој голем ростер и замени, па битно е што сме здрави“, заврши Кузманоски.

Бутелци ги очекува дуел со Охрид на стартот од суперлигашкиот плеј-оф в сабота во салата „Антон Димитров“ со почеток во 18:00 часот.