Ангеловски: Целите се јасни – одбрана на шампионската титула и Куп трофеј!

Актуелниот бранител на титулата Еурофарм Пелистер утре со дуел против Вардар ќе го започне настапот во плеј-оф фазата. Еурофарм Пелистер освен на домашна сцена, ќе продолжи со настапите и во Лигата на шампионите, па така за позитивни резултати, односно за остварување на зацртаните цели, клубот активно работеше во текот на месец јануари.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, истакна дека во подготвителниот период ги немал сите играчи на располагање, но е среќен што од битолскиот клуб настапија многу ракометари на Европското првенство.

,,Подготовките минаа во најдобар ред, според однапред предвидениот план. Бројот на квалитетните средби никогаш не е доволен, но се прилагодивме на отсуствата на нашите ракометари поради Европското и Африканското првенство во текот на месец јануари. Од една страна жал ми е што ја немав цела екипа на располагање од 10 јануари кога почнавме, но од друга страна среќен сум што клубот даде најмногу репрезентативци од клубовите од нашата држава и сите тие играа важна улога на овие две првенства. Тоа ни покажува дека сме на вистинскиот пат со изборот на ракометари”, изјави Ангеловски.

Стратегот на пелистерци смета дека ќе има многу возбудувања во вториот дел од сезоната.

,,Ние се подготвуваме за цела полусезона и за сите ривали во Македонија и во Европа. Плеј-офот ќе биде долг и возбудлив и нема да биде само дуел на Еурофарм Пелистер и Вардар. Но, подготвени ќе бидеме и за првиот дуел, како и за останатите натпревари, мислам дека ова ќе биде најинтересното првенство во 33 години постоење на македонскиот ракомет. Ова е еден од највозбудливите плеј-оф сегменти во последните години. Има многу организирани и квалитетни екипи и некаде нема да се освојуваат лесни бодови. Нашите амбиции се јасни уште од почетокот на сезоната, а тоа се освојување на титулите во шампионатот и Купот на Македонија”, вели Ангеловски.

Битолскиот тим пред стартот на вториот дел го ангажираше екс ракометарот на Вардар, Дејан Манасков и повремениот репрезентативец на Полска, Матеуж Пиеховски. Ангеловски за двајцата имаше пофални зборови и вели дека добро се адаптираат во неговиот систем на работа.

,,Направивме неколку корекции во ростерот за разлика од есенскиот дел и сметам дека имаме доволен број квалитетни ракометари за предизвиците кои ни следат. Отпуштивме четворица, а доведовме двајца исклучетелно квалитетни засилувања како Манасков и Пиеховски, кои добро се имплементираа во нашиот систем и очекувам да донесат додадна вредност во екипата. За првиот од нив не сакам да трошам зборови, еден од нашите најдобри ракометари во последните 10-15 години и последниот активен ракометар од нашата репрезентација која ги направи и најголемите репрезентативни успеси. Нашата првична идеја е со овој ростер да играме оваа пролет, но додека е преодниот рок отворен, можнни се комбинации на пазарот”, додаде Ангеловски.

Според Ангеловски, само нијанси ќе одлучуваат околу шампионската титула и борбата за место во Европа.

,,Не криеме дека сме фаворити и најквалитетна екипа во лигата, но тоа мораме да го покажеме на теренот. Тоа што ја скршивме бариерата од 18 години без титула треба да е олеснување. Иако почнуваме од делба на третата позиција, сметам дека работите во овој плеј-оф зависат од нас.. Но, има многу ривали, натпревари и сигурен сум дека детали ќе решаваат на многу натпревари. Долго е првенството и изненадување ќе направи екипата која ќе биде со најмалку повреди. Доста екипа ќе се борат за излез во Европа, тука мислам на Тиквеш, Охрид… и тука ќе бидат и најголемите изненадувања”, заврши Ангеловски.

Утрешниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се одигра со почеток од 18:00 часот во спорската сала „Боро Чурлевски“

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР14130141
2ПРОЛЕТ1430119
3СТРУГА1400140