Женската репрезентација на Македонија со победата над Хрватска од 25-22 стави печат на успешниот настап на „Трофеј Македонија“ во Охрид.
По Србија, македонските ракометарки урнаа уште една непријатна традиција и по 18 години повторно славеа против хрватската селекција.
Една од најискусните во македонскиот состав, Сара Ристовска, истакна дека ракометарките верувале во победата, особено по грешките направени во претходниот натпревар против Црна Гора.
„Да, навистина верувавме, затоа што на натпреварот против Црна Гора направивме многу грешки. Мислам дека самите го предадовме тој натпревар со промашени удари кон голот и со многу технички грешки. Знаевме дека почетокот ќе биде многу важен, а против Хрватска навистина добро го отворивме натпреварот. Онака како што се договоривме во соблекувалната, така одигравме и на теренот.
Им кажав на девојките дека сè почнува од соблекувалната. Енергијата што ја имавме таму ја пренесовме на теренот и тоа навистина се покажа. Многу сум задоволна и среќна затоа што секоја девојка што играше го даде својот максимум. Секоја беше на висина на задачата што ѝ беше зададена, вклучувајќи ме и мене“, изјави Ристовска.
Македонија во Охрид покажа дека може рамноправно да се натпреварува и да победува селекции кои се подобро рангирани. Ристовска смета дека резултатите се плод на смената на генерациите, но и на искуството што младите ракометарки го собираат во националниот тим и во странските првенства.
„Тоа е смената на генерациите која кај нас се случи многу порано. Голем дел од овие девојки веќе подолго време се дел од репрезентацијата. Можам слободно да кажам дека тие се претежно млади, но веќе се носители на сениорската репрезентација.
Тоа што голем дел од нив играат во странство сигурно придонесува, затоа што настапуваат во посилни лиги и играат поквалитетни натпревари. Многу е важно и тоа што веќе со години се дел од сениорската репрезентација и имаат поголемо искуство.
Можам да направам споредба и да кажам дека оваа генерација е многу понапред од нашата во истиот период. Повторувам, овие девојки веќе со години се во сениорската репрезентација. Тоа навистина значи многу, бидејќи зад себе имаат голем број натпревари против селекции како Шведска, Норвешка и Романија“, заврши Ристовска.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























