Алушовски: За Охрид секој меч во плеј-офот ќе биде финале!

Екипата на Охрид за вториот дел од сезоната избори настап во плеј-офот, во кој ќе се обиде да направи чекор повеќе и да избори место меѓу најдобрите екипи.

Охриѓани за големиот предизвик се подготвуваа во соседна Грција и Србија. Таму беа одиграни пријателски натпревари со квалитетни екипи како Олимпијакос, АЕК Атина, ПАОК, Металопластика, Динамо Панчево…

Тренерот Стевче Алушовски е задоволен од сѐ она што беше постигнато за време на подготвителниот период.

,,Подготовките за плеј-офот ги поминавме во Грција и Србија, базичните подготовки ги имавме во Охрид. Одигравме вкупно осум пријателски дуели, пет во Грција и три меча во Србија, на тие „контролки“ пробавме да ги вклучиме новите играчи во нашиот систем на работа, иако десниот бек Никола Јукиќ подоцна ни се придружи, сепак, бргу се прилагоди во новата средина. Задоволен сум од пристапот на ракометарите, од тоа како ги извршуваат задачите, од нивната посветеност и мотивираност, имаше одлична атмосфера на подготовките и на одиграните пријателски дуели испробавме неколку тактички варијанти и комбинации”, изјави Алушовски.

Стратегот на Охрид ги истакна своите очекувања за плеј-оф фазата и вели дека секој натпревар ќе биде приказна за себе.

,,Нашата цел е излез во Европа, но нема воопшто да биде лесно, со сета почин кон Струга, која направи успех со пласманот во плеј-офот, останатите екипи, со исклучок на Вардар, Еурофарм Пелистер и Алкалоид, сѐ со сличен квалитет и тука ќе има голема борба. Има четири екипи со подеднакви шанси да изборат место во Европа, па така ќе има доста надигрувања. Секој натпревар ќе биде приказна за себе”, додаде Алушовски.

Поранешниот репрезентативец на Македонија се надева дека вгодина ракометните љубители во Охрид ќе гледаат европски ракомет.

,,Охрид има високи амбиции, напорно се подготвувавме за да го покажеме сето тоа што го работиме, дали тоа ќе биде доволно, останува да видиме. Секој натпревар за нас ќе биде финале, имаме квалитетен ростер, квалитетни играчи кои што можат да го понесат товарот, да не заборавиме дека нѐ очекуваат и натпреварите од Купот на Македонија и ќе се потрудиме по подолг временски период Охрид да биде дел од Европа”, вели Алушовски.

Охрид во плеј-оф фазата ќе стартува со два бода, бидејќи во првиот дел од сезоната го освои второто место во групата А.

,,Првиот дел од сезоната за нас беше успешен, целта беше второто место во нашата група, успеавме во тоа, сега влегуваме со два бода во плеј-офот и знаеме дека секој бод во плеј-офот е многу важен. Да бидам искрен, на почетокот на сезоната резултатите не беа какви што посакувавме, беше тешко, макотрпно работевме, нов систем, нови ракометари, запознавање меѓу себе и со тек на времето станавме конкурентен тим. Задоволен сум од постигнатото во првиот дел од сезоната, зацртаните цели беа остварени”, изјави Алушовски.

Прогнозата на Алушовски е дека за првото место ќе се борат Вардра, Еурофарм Пелистер и вицепрвакот од Автокоманда.

,,Нѐ очекува интересна битка. Вардар и Алкалоид имаат пол позиција, потоа Еурофарм Пелистер, шампион од минатата сезона, има најголем буџет, најголем број квалитетни играчи, не само домашни, туку и интернационалци, тимот на Вардар никогаш не би го отпишал, бидејќи Вардар е екипа која има карактер, Алкалоид покажа дека може да им ги помати сметките на големите и на овие три екипи им давам предност за шампионската титула, но тоа не мора да биде така, секој може да победи секого и верувам дека ниту една екипа нема да влезе со потценување на некој натпревар, во плеј-офот секој бод е важен, секој викенд ќе има многу дерби натпревари и убеден сум дека ќе гледаме квалитетен ракомет. Според мене, ова ќе биде најквалитетниот плеј-оф од осамостојувањето на Македонија”, истакнува Алушовски.

Охрид за вториот дел од сезоната освен Хироки Мацуока и Никола Јукиќ, го ангажираше уште кружниот напаѓач Адмир Пелидија. Клубот го напуштија Даниел Андоновски и Ерај Каракоч, со двајцата спогодбено беа раскинати договорите.

,,На секоја позиција имаме квалитетни играчи, покриени сме добро, мислам дека ростерот е затворен, имаме доста добар тим и со овие играчи Охрид ќе се бори за едно од местата кои што водат во Европа”, заврши Алушовски.

Првиот натпревар на Охрид во плеј-оф фазата е в сабота на гостински терен кај Бутел Скопје.