Томсен на челниците на Нант им порача: Срамота е, треба да се преиспита одлуката!

Една од најпознатите дами меѓу тренерите во моментов, Данката Хеле Томсен, на крајот од оваа сезона ќе си замине од Нант и во сезона 2024/25 ќе има нов предизвик.

Томсен во францускиот клуб пристигна во месец јануари, 2021 година. Најпрво беше асистент на Жилијам Патрик Саурина, потоа една година подоцна, во февруари 2022, стана главен тренер на клубот.

Нант во францускиот шампионат моментално се наоѓа на трето место и останува во игра за првата позиција на табелата.

Хеле Томсен беше изненадена на одлуката за прекин на соработката и истакна дека клубот ќе треба да ја преиспита

,,Срамота е што нема да можеме да го продолжиме амбициозниот проект што го започнавме заедно во 2021 година. Клубот ќе треба да ја преиспита својата одлука и стратегија. Но, јас ја почитувам оваа одлука. Сега заедно со тимот ќе направиме се за да освоиме титули оваа сезона. Сакам пријателски да се збогувам со клубот “, изјави Хеле Томсен.

Данката има богата биографија, па така нема да биде проблем да најде нов клуб. Искусниот тренер има бронзен медал од ЕП во 2014 година со Шведска, сребро и бронза со Холандија на Европските првенства во 2016 и 2018, како и бронзен медал со „лалињата“ на Мундијалот во 2017.

На клупско ниво беше предводник на Митјиланд, Молде, Кастамону, ЧСМ Букурешт…