Готје Мвумби, ракометарот кој стана светска сензација на СП 2021 во Египет и доби прекар „ракометниот Шек“, повторно е во центарот на вниманието – овојпат со приказна далеку подлабока од виралните снимки и аплаузите.
Конгоанскиот пивот откри дека напишал автобиографија во која зборува за животот надвор од теренот, за сомнежите, стравовите и изборите што ги правиме кога работите не одат како што сме замислиле.
Мвумби вели дека сакал луѓето да ја видат „вистината зад насловите“ – не само моментите на слава, туку и периодите кога било најтешко. Според него, секој спортист минува низ фази на несигурност, а неговата цел е книгата да им помогне на младите да разберат дека таквите моменти се нормални и дека не смеат да те скршат.
Во интервјуто откри и дека последната година му била исклучително комплицирана поради сериозна повреда – скината тетива на квадрицепсот, поради која речиси една година не настапувал. Рехабилитацијата, како што вели, оди во добра насока и очекува да се врати на терен за неколку месеци, со истата мотивација како и претходно.
Иако денес настапува во Франција, во екипата на Руан во пониските конкуренции, Мвумби потенцира дека љубовта кон ракометот не се сменила. Вели дека и покрај краткотрајната „вирална“ слава, останал ист човек и дека единствената желба му е повторно да игра и да ужива во спортот.
Посебно се задржа и на тоа како неговата појава им помогнала на многумина да ги преиспитаат стереотипите за тоа „како треба да изгледа“ врвен спортист. Со насмевка признава дека неговата физичка сила и тежина често се „оружјето“ што противниците најмногу го чувствуваат, но порака му е јасна: секој има свое место, ако верува и работи.
Покрај враќањето на терен, Мвумби има и планови да „врати“ на спортот – сака да организира ракометни кампови, особено во Африка, за да им даде шанса на деца да се запознаат со играта и да добијат пат што тој самиот го немал. Неговата главна порака останува едноставна: верувај во себе, сонувај големо и никогаш не се откажувај.
























