Лоши вести пристигнуваат од таборот на Висла Плоцк, еден од ривалите на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите. Полскиот вицепрвак потврди дека Абел Сердио и Фредерик Бјере заработиле сериозни повреди и ќе паузираат.
Шпанскиот пикер Абел Сердио се здоби со повреда на коленото, поради која ќе биде надвор од терените во наредните неколку недели.
Уште посериозна е ситуацијата со левото крило Фредерик Бјере, кој го повреди левото рамо. Од Висла Плоцк соопштија дека тој ќе отсуствува подолг период, а точната должина на паузата ќе биде позната по дополнителните специјалистички прегледи и во зависност од неговото закрепнување.
Двете повреди претставуваат сериозен удар за Висла Плоцк во пресрет на стартот на новата сезона, особено ако се знае дека полскиот вицепрвак ќе има тешки предизвици и во домашното првенство и во Лигата на шампионите.
Дуелите меѓу Вардар и Висла Плоцк ќе се одиграат на 8 октомври во Скопје и 14 октомври во Плоцк.

























