Капитенот Крешимир Козина очекува уште посилен турнир од минатогодишниот и смета дека Нексе има квалитет да се вмеша во битката за трофејот. Хрватскиот тим го задржа костурот на составот и во Охрид сака да го фати вистинскиот натпреварувачки ритам пред новата сезона.
Нексе повторно е меѓу учесниците на „Крсте Андоновски“, а капитенот Крешимир Козина со задоволство се враќа во Охрид по позитивното искуство од минатото лето.
Хрватскиот вицепрвак лани дебитираше на турнирот и заврши на третото место. Во битката за бронзата славеше против Вардар со 28-26, а сега во „Билјанини Извори“ доаѓа со речиси непроменет тим.
Нексе ќе биде во групата Б заедно со Вардар, Олимпијакос и Тримо Требње, а првиот натпревар ќе го одигра на 19 август против словенечкиот претставник.
За Козина, турнирот доаѓа во вистински момент од подготовките.
„Очекувам тешки и конкурентни натпревари, токму она што ни е потребно во овој период. За нас играчите овој турнир е одлична можност уште повеќе да ја изградиме тимската хемија и да влеземе во вистински натпреварувачки ритам. Сакаме да бидеме подобри со секој натпревар и физички и ментално да се подготвиме за новата сезона.“
Турнирот е уште посилен од лани
Козина веќе има искуство од настапот на Нексе во Охрид. Организацијата, атмосферата и самиот град оставиле одличен впечаток кај ракометарите од Нашице.
Годинава, според него, конкуренцијата е уште посилна.
„Мислам дека турнирот е уште посилен од минатата година и навистина е одлично да се биде дел од него. Лани имавме многу позитивно искуство и со организацијата и со атмосферата. Охрид е прекрасен град, навистина уживавме овде и многу ни е драго што повторно се враќаме.“
Нексе го очекуваат три различни противници во групната фаза.
„Групата со Тримо, Олимпијакос и Вардар е многу тешка и секој натпревар ќе биде сериозен предизвик. Со нетрпение очекуваме да играме против такви силни противници и да видиме како стоиме во однос на нив.“
Малку промени, истиот костур
Една од предностите на Нексе сезонава треба да биде континуитетот. Во Нашице немаше многу промени во текот на летото. Најголемиот дел од составот остана заедно, а клубот донесе само две нови имиња.
Пикерот Андрија Станков пристигна од Војводина, додека десниот бек Филип Одак дојде од Извиѓач. Екипата ја напуштија Мануел Штрлек, кој се пресели во Загреб, и Живан Пешиќ.
„Немавме многу промени во составот и јадрото на тимот остана заедно. Очекуваме да ни се вратат и некои повредени играчи, а нивното враќање сигурно ќе биде големо засилување за нас“, вели Козина.
Токму фактот што најголем дел од играчите веќе една сезона играат заедно му дава дополнителна верба на капитенот дека Нексе може да направи нов чекор напред.
„И Нексе може да се бори за трофејот“
Конкуренцијата во Охрид ќе биде силна. На турнирот ќе играат Вардар, Охрид, Загреб, Војводина, Тримо Требње, Олимпијакос, Египет У20 и Нексе.
Козина ги гледа македонските екипи, Загреб и Тримо меѓу кандидатите за највисок пласман, но не го отпишува ниту својот тим.
„Мислам дека секоја екипа има квалитет да се бори за трофејот. Македонските екипи, Загреб и Тримо сигурно се меѓу потенцијалните фаворити. Но, секако, верувам дека и Нексе е способен да се бори за трофејот. Очекувам многу отворен и конкурентен турнир.“
Нексе веќе има еден подиум во Охрид. Лани заврши трет, а зборовите на капитенот покажуваат дека годинава во Нашице не би имале ништо против да отидат и чекор погоре.
Европа повторно е голем предизвик
Минатата сезона Нексе беше меѓу осумте најдобри екипи во Лигата на Европа. Клубот во 2022 година играше и на завршниот турнир во ова натпреварување, а европската сцена и понатаму останува еден од главните предизвици за тимот од Нашице.
„Сакаме да се бориме за домашните трофеи и да стигнеме што е можно подалеку во Лигата на Европа. Минатата сезона бевме во Топ 8, а амбицијата е повторно да стигнеме таму и, ако е можно, да одиме уште подалеку. Заедно сме веќе цела година и верувам дека сезонава можеме да го покажеме вистинскиот квалитет и карактер на Нексе“, вели Козина.
Со победа и пораз во досегашните контроли
Нексе пред доаѓањето во Охрид веќе одигра два подготвителни натпревари. Хрватскиот тим го совлада Бешикташ со 33-32, а потоа загуби од Висла Плоцк со 37-23.
Во Охрид следуваат уште посилни тестови. Тримо, Вардар и Олимпијакос ќе дадат многу појасна слика за тоа до каде е Нексе пред почетокот на официјалната сезона.
НЕКСЕ – СОСТАВ
Голмани:
75. Марсел Јасжебски
16. Михаило Радовановиќ
12. Предраг Сердар
Играчи:
4. Александар Бакиќ
21. Иван Барбиќ
5. Лорис Хромин
8. Ибрахим Хасељиќ
27. Лука Мославац
41. Тин Лучин
9. Луцијан Крајчар
17. Матко Мославац
34. Огњен Цениќ
18. Филип Одак
33. Александар Цениќ
13. Петар Крупиќ
44. Крешимир Козина
23. Андрија Станков
39. Леон Вучко
СТРУЧЕН ШТАБ
Саша Баришиќ Јаман – тренер
Иван Слишковиќ – помошник тренер
Марио Блажевиќ – тренер на голмани
Марко Жгањер – кондициски тренер
Стјепан Паска – физиотерапевт
Томислав Сајда – физиотерапевт
ДОЈДОА
Андрија Станков – Војводина
Филип Одак – Извиѓач
ЗАМИНАА
Мануел Штрлек – Загреб
Живан Пешиќ – Лозница
РАСПОРЕД НА НЕКСЕ НА „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“
Среда, 19 август
21,00 – Нексе – Тримо Требње
Четврток, 20 август
21,00 – Вардар – Нексе
Петок, 21 август
16,30 – Нексе – Олимпијакос
Сабота, 22 август
натпревар за пласман

























