Филип Главаш и екипата на Загреб за првпат ќе бидат дел од турнирот „Крсте Андоновски“. Хрватскиот репрезентативец не крие дека сака победи, а меѓу фаворитите за трофејот ги сместува Охрид, Вардар и својот Загреб.
Загреб првпат доаѓа на турнирот „Крсте Андоновски“, но Охрид не е непозната дестинација за хрватскиот шампион. Кога екипата гостуваше кај Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите престојуваше во „македонскиот Ерусалим“ и тренираше во СРЦ „Билјанини Извори“, а десното крило Филип Главаш добро се сеќава на условите што ги имале.
Сега ќе биде поинаку – наместо само тренинзи, следуваат натпревари против Војводина, Египет У20 и домаќинот Охрид.
А кога ќе почне натпреварот, Главаш не знае да игра без резултатски амбиции.
„Како играч секогаш сакам да победам. Но овде сепак најважно е да останеме здрави и да дојдеме во што подобра форма за сезоната“, вели Главаш.
Охрид веќе им е познат
За Загреб ова ќе биде прв официјален настап на „Крсте Андоновски“, но дел од ракометарите веќе имаат убаво искуство од градот.
„Лани тука се подготвувавме за дуелот во Лигата на шампионите и условите се одлични. Првпат ќе играме на турнирот, за кој слушнавме само најдобри работи. Се радуваме на настапот“, вели Главаш.
Најинтересниот натпревар за Загреб во групната фаза би требало да биде последниот – против домаќинот Охрид.
Главаш смета дека резултатите на охридскиот клуб во последните сезони не се случајни.
„Ги почитуваме сите противници, а посебен респект имаме кон домаќинот, кој секоја година е сè посилен. Се гледа дека во Охрид се работи сериозно“, истакна хрватското крило.
Охрид и Вардар се фаворити, но и Загреб
На турнир на кој играат Загреб, Вардар, Охрид, Нексе, Војводина, Тримо Требње, Олимпијакос и Египет У20 тешко е да се избере само еден фаворит.
Главаш сепак најпрво ги посочи двата македонски претставници.
„Охрид и Вардар како македонски клубови сигурно се фаворити. Загреб исто така е еден од фаворитите, иако резултатот овде никому не му е најважен“, вели Главаш.
За Загреб турнирот ќе биде последна можност низ натпреварувачки ритам дополнително да го воигра тимот кој летово претрпе големи промени.
Осум нови имиња – Загреб сериозно се засили
Дури осум нови ракометари пристигнаа во хрватскиот гигант. Од германски Лајпциг се врати Марко Мамиќ, додека Мануел Штрлек премина од Нексе во Загреб. Нов голман е словенечкиот репрезентативец Урх Кастелиц од Лемго.
Од ПИК Сегед пристигнаа Јовица Николиќ и Глеб Калараш, а нови се и Златко Раужан од Сесвете, Дијано Нерис Ќешко од Извиѓач и Белорусинот Матвеј Барбашински од СКА Минск.
Од клубот, пак, заминаа Лука Ловре Кларица, Патрик Валчак, Дамиан Пшитула, Давор Чавар, Роко Тривковиќ и Алекс Кавчиќ.
Легендарниот Јаков Гојун ја заврши кариерата, но не си замина од Загреб. Сега е дел од стручниот штаб како технико.
Без само еден играч во Охрид
Загреб ќе пристигне со речиси сите ракометари од актуелниот состав.
Единствено ќе недостига Матвеј Барбашински, кој подоцна му се приклучи на тимот и сè уште нема регулирани документи за настап.
Тоа ќе му овозможи на Хрвоје Хорват да има практично цел тим на располагање и да ја распредели минутажата пред почетокот на сезоната.
Загреб веќе влезе во победнички ритам
Хрватскиот шампион има пет сериозни натпревари зад себе пред доаѓањето во Охрид.
Прво следуваше одлична серија на Рогла. Загреб го совлада Тримо Требње со 31-25, Словењ Градец со 34-27 и Горење Велење со 32-24. Победничката серија продолжи и во Татабања, каде домаќинот беше совладан со 29-26. Во финалето на „Фреш Корнер Куп“, Келце беше подобар од Загреб со 29-26, па хрватскиот тим го заврши турнирот на второто место.
Тоа значи дека Загреб во Охрид пристигнува со четири победи на последните пет подготвителни натпревари.
Двојната круна е обврска
Кога станува збор за официјалната сезона, во Загреб нема многу простор за скромни цели. Планот е јасен – да се освојат првенството и Купот во Хрватска и да се стигне што е можно подалеку во Европа.
Тоа е очекувано за клуб кој има освоено 34 шампионски титули во Хрватска, 32 национални купа, двапати бил европски шампион, а има и трофеј од СЕХА лигата.
Пред официјалните предизвици, сепак, следува Охрид, а Главаш и неговите соиграчи јасно порачуваат – подготовките се најважни, но кога Загреб ќе излезе на терен, ќе сака и да победува.
ЗАГРЕБ – СОСТАВ
Голмани:
76. Тони Матошевиќ
26. Харис Суљевиќ
16. Сандро Мештриќ
99. Урх Кастелиц
Средни бекови:
44. Ихар Бјалиауски
23. Ивано Павловиќ
21. Давор Гавриќ
18. Игор Карачиќ
Десни бекови:
11. Гиорги Сковребадзе
33. Јовица Николиќ
Леви бекови:
31. Абделрахман Абду
14. Марко Мамиќ
8. Дијано Нерис Ќешко
Пикери:
7. Петар Топиќ
30. Глеб Калараш
22. Златко Раужан
4. Матвеј Барбашински
Десни крила:
57. Филип Главаш
81. Алекса Туфегџиќ
19. Матеја Додиќ
Леви крила:
78. Станислав Садовски
17. Мануел Штрлек
СТРУЧЕН ШТАБ
Хрвоје Хорват – тренер
Тончи Валчиќ – помошник тренер
Ариан Јовиќ – тренер на голмани
Шиме Томашевиќ – кондициски тренер
Саша Матејчиќ – физиотерапевт
Јаков Гојун – технико
ДОЈДОА
Марко Мамиќ – Лајпциг
Мануел Штрлек – Нексе
Урх Кастелиц – Лемго
Јовица Николиќ – ПИК Сегед
Глеб Калараш – ПИК Сегед
Златко Раужан – Сесвете
Дијано Нерис Ќешко – Извиѓач
Матвеј Барбашински – СКА Минск
ЗАМИНАА
Лука Ловре Кларица – Келце
Патрик Валчак – Вибжеже Гдањск
Дамиан Пшитула – ЧСМ Букурешт
Давор Чавар – Горица
Роко Тривковиќ – Слован
Јаков Гојун – ја заврши играчката кариера
Алекс Кавчиќ – Чурго
ПОДГОТВИТЕЛНИ НАТПРЕВАРИ
Загреб – Тримо Требње 31-25
Загреб – Словењ Градец 34-27
Загреб – Горење Велење 32-24
Загреб – Татабања 29-26
Загреб – Келце 26-29
РАСПОРЕД НА ЗАГРЕБ НА „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“
Вторник, 18 август
21,00 – Војводина – Загреб
Среда, 19 август
16,30 – Загреб – Египет У20
Петок, 21 август
21,00 – Охрид – Загреб
Сабота, 22 август
натпревар за пласман
























