Екипата на Мелсунген е победник на 57. Меѓународен ракометен ТВ турнир на шампионите во Добој, откако во финалето славеше над Спортинг Лисабон со 28-26.
Херој на германскиот тим беше црногорскиот репрезентативен голман Небојша Симиќ, кој имаше дури 16 одбрани и со својата одлична партија беше еден од најзаслужните за освоениот трофеј. Симиќ беше прогласен и за МВП на финалето.
Кај Мелсунген најефикасен беше Стефансон со седум гола, додека кај Спортинг се истакна Гури со шест погодоци.
Мелсунген до финалето стигна со убедливи победи над домашната Слога (44-26) и Ал Ахли (25-14). Спортинг, пак, претходно го совлада Катар со 38-19, а потоа и Слован со 33-31 во возбудлив дуел.
По завршувањето на финалето беше избран и Ол-стар тимот на турнирот, во кој место најде и Симиќ, како и уште тројца ракометари на бундеслигашот.
Голман: Небојша Симиќ (Мелсунген)
Лево крило: Ори Торкелсон (Спортинг Лисабон)
Лев бек: Мартим Кошта (Спортинг Лисабон)
Среден бек: Сташ Скубе (Слован Љубљана)
Десен бек: Даинис Кристопанс (Мелсунген)
Десно крило: Димитри Игњатов (Мелсунген)
Пикер: Јоханес Гола (Мелсунген)


























