ОХРИД 2026: Баришиќ Јаман најавува силен Нексе – Сакаме победи, но и да видиме каде сме

Нексе повторно ќе биде дел од турнирот „Крсте Андоновски“, а тренерот Саша Баришиќ Јаман очекува силни натпревари кои треба да покажат до каде е неговиот тим во подготовките. Хрватскиот вицепрвак во Охрид доаѓа со речиси непроменет состав и со амбиција повторно да биде конкурентен на сите фронтови.

Нексе од Нашице и ова лето ќе биде дел од силниот меѓународен турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Хрватскиот тим се враќа во „Билјанини Извори“ по позитивното искуство од минатата година, кога го освои третото место, а тренерот Саша Баришиќ Јаман очекува дуелите со силни ривали да му дадат вистинска слика за формата пред новата сезона.

На петтото, јубилејно издание на турнирот од 18 до 22 август ќе настапат осум екипи. Нексе е во групата Б со Вардар, Олимпијакос и Тримо Требње, додека во групата А се Охрид, Загреб, Војводина и Египет У20.

Баришиќ Јаман не крие дека победите се важни, но во овој период резултатот не е единствената цел.

„Со нетрпение очекуваме уште еден силен и конкурентен турнир во Охрид. Натпреварите со квалитетни противници се токму тоа што ни е потребно во оваа фаза. Нашата цел е да ја подобриме играта, да ја градиме хемијата во тимот и да дојдеме до најдобрата можна форма пред почетокот на новата сезона. Секако дека сакаме да победуваме, но важно е и да видиме каде сме и што уште треба да подобриме“, вели Баришиќ Јаман.

Од Охрид носат позитивни впечатоци

Нексе настапи на „Крсте Андоновски“ и минатото лето. Тимот од Нашице тогаш стигна до третото место, откако во мечот за бронзата го совлада Вардар со 28-26.

Покрај резултатот, во клубот останале задоволни и од организацијата и атмосферата на турнирот.

„Нексе учествуваше на турнирот минатата година и имавме многу позитивно искуство. Добивме одлични впечатоци за организацијата, квалитетот на турнирот и атмосферата, па многу ни е драго што повторно сме тука. Ова е одлична можност да одиграме силни натпревари како дел од подготовките. Му благодариме и на организаторот што повторно го покани нашиот клуб“, истакна Баришиќ Јаман.

Групата во која ќе игра Нексе носи три различни предизвици. Вардар, Тримо и Олимпијакос имаат европско искуство, па за тренерот на хрватскиот тим секоја средба ќе биде добра проверка.

„Имаме многу конкурентна група со Тримо Требње, Вардар и Олимпијакос. Сите три екипи имаат квалитет и меѓународно искуство, а секоја од нив носи поинаков предизвик. Очекуваме три тешки натпревари и токму тоа ни треба во овој период од подготовките“, вели Баришиќ Јаман.

Комплетен состав, но внимателно со повратниците

Во Нашице ова лето немаше голем ремонт на тимот. Костурот остана ист, а нови членови се Андрија Станков и Филип Одак. Станков, кој игра на пикерската позиција, дојде од Војводина, додека десниот бек Одак пристигна од Извиѓач.

Од друга страна, клубот го напушти искусното лево крило Мануел Штрлек, кој се пресели во Загреб, а замина и Живан Пешиќ.

Баришиќ Јаман најавува дека Нексе во Охрид ќе пристигне со сите играчи кои ги има на располагање.

„Во Охрид доаѓаме со комплетен состав. Имаме неколку играчи кои сè уште се враќаат од претходни повреди и во зависност од нивната состојба внимателно ќе ја контролираме минутажата и постепено ќе ги вклучуваме во натпреварите.“

Кога станува збор за фаворитите за трофејот, тренерот на Нексе не сака да издвојува само една екипа.

„Мислам дека секој тим има квалитет да се бори за трофејот. Но во оваа фаза главниот фокус е да изградиме добра форма, да им дадеме минутажа на сите играчи, да испробаме различни опции и добро да се подготвиме за почетокот на сезоната.“

Повторно сакаат меѓу осумте најдобри во Европа

Нексе зад себе има уште една успешна европска сезона. Тимот од Нашице стигна до четвртфиналето на Лигата на Европа, а во клубот сакаат најмалку да го повторат тој резултат.

Еден од најголемите европски успеси на Нексе останува настапот на завршниот турнир во Лигата на Европа во 2022 година. Во сезоната 2025/26 повторно стигна до Топ 8.

„Нашите цели се јасни. Сакаме да се бориме за домашните трофеи и повторно да имаме силен настап во Лигата на Европа. Минатата сезона стигнавме до Топ 8 и целта е повторно да дојдеме до таа фаза. Веруваме во квалитетот на тимот и сакаме да бидеме конкурентни во секое натпреварување“, порача Баришиќ Јаман.

Победа над Бешикташ пред Охрид

Нексе досега одигра два контролни натпревари во подготвителниот период. Во првиот славеше против Бешикташ со 33-32, додека на вториот загуби од полскиот гигант Висла Плоцк со 37-23.

Следните проверки се во Охрид, каде Нексе го очекуваат три натпревари во три дена, а потоа и меч за конечен пласман.

НЕКСЕ – СОСТАВ

Голмани:
75. Марсел Јасжебски
16. Михаjло Радовановиќ
12. Предраг Сердар

Играчи:
4. Александар Бакиќ
21. Иван Барбиќ
5. Лорис Хромин
8. Ибрахим Хасељиќ
27. Лука Мославац
41. Тин Лучин
9. Луцијан Крајчар
17. Матко Мославац
34. Огњен Цениќ
18. Филип Одак
33. Александар Цениќ
13. Петар Крупиќ
44. Крешимир Козина
23. Андрија Станков
39. Леон Вучко

СТРУЧЕН ШТАБ

Саша Баришиќ Јаман – тренер
Иван Слишковиќ – помошник тренер
Марио Блажевиќ – тренер на голмани
Марко Жгањер – кондициски тренер
Стјепан Паска – физиотерапевт
Томислав Сајда – физиотерапевт

ДОЈДОА

Андрија Станков – Војводина
Филип Одак – Извиѓач

ЗАМИНАА

Мануел Штрлек – Загреб
Живан Пешиќ – Лозница

РАСПОРЕД НА НЕКСЕ НА „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“

Среда, 19 август
21,00 – Нексе – Тримо Требње
Четврток, 20 август
21,00 – Вардар – Нексе
Петок, 21 август
16,30 – Нексе – Олимпијакос
Сабота, 22 август
натпревар за пласман