Чаневски се врати во Бутел Скопје: Клубот е стабилен, ми се допаѓа целиот проект

Голманот Градимир Чаневски по пауза од неколку сезони повторно ќе го носи дресот на Бутел Скопје. Искусниот чувар на мрежата во изминатиот период настапуваше во странство, каде го бранеше голот на Макаби Ришон Ле Зион, а потоа беше дел две сезони и од Охрид.

Чаневски сега се враќа во добро позната средина, во клубот со кој има амбиции повторно да биде дел од борбата за највисок пласман во македонскиот ракомет.

Иако во минатото замина од Бутел Скопје со желба да се испроба во странство, тој открива дека никогаш целосно не го напуштил клубот и дека сега се појавила вистинската можност за враќање.

„Самата работа на клубот ми се допаѓа. И кога го напуштив клубот, не го напуштив целосно, туку сакав да се пробам во странство. Сега се укажа можноста за враќање. Мојот план беше да ја завршам кариерата во Македонија и во Бутел Скопје. Клубот е стабилен, одлично работи и ми се допаѓа целиот проект.“

Со своето големо искуство, Чаневски во новата сезона ќе има и важна улога во развојот на младите ракометари. Бутел Скопје во последните години се потпира на млади играчи, а искусниот голман сака своето знаење да им го пренесе на помладите.

„Тука сум како поискусен играч да им го пренесам тоа што го поминав во мојата кариера, за да пораснат и тие како играчи и да добијат на квалитет. Треба да направиме цела екипа да напредува и сите да стекнат искуство. Млади се, ќе треба многу работа.“

Чаневски смета дека токму поискусните ракометари треба да им помогнат на младите да стекнат самодоверба и полесно да се справат со предизвиците што ги носи Супер лигата.

„Затоа сме тука. Имаме повеќе играчи на кои можеби малку треба да им дадеме храброст и да ги насочиме кон вистинските цели.“

Бутел Скопје откако е дел од суперлигашкото друштво успева да стигне до плеј-офот, но Чаневски е свесен дека оваа сезона конкуренцијата ќе биде уште посилна.

„Конкуренцијата е многу посилна од претходните сезони. Ќе видиме каков е квалитетот и како ќе се одвива сезоната. Затоа треба да оствариме сè што сме зацртале и да покажеме дека имаме квалитет и дека вредиме.“

Искусниот голман знае што е потребно за Бутел Скопје повторно да биде меѓу најдобрите македонски екипи – многу работа, дисциплина и доверба во стручниот штаб.

„Млади се децата, треба многу работа, треба да тренираме, да го слушаме тренерот што ни кажува и заедно да ги оствариме целите.“

Чаневски повторно е дел од Бутел Скопје, овојпат со двојна задача – да биде сигурност меѓу стативите, но и еден од лидерите кој своето искуство ќе им го пренесува на младите во тимот што е предводен од легендарниот Стојанче Стоилов.

Бутелци го архивираа настапот на Струшкиот турнир и натпреварите со Прилеп, Вардар и Дубочица Лесковац, а од 20 до 23 август ќе бидат дел од меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп.