Поранешниот ракометар на Вардар и Еурофарм Пелистер, Илија Абутовиќ, по 16 години минати во странство се врати во Србија и во новата сезона ќе го носи дресот на Партизан.
Искусниот дефанзивец е засилување за белградскиот клуб, кој во новата сезона ќе има можност повторно да се натпреварува во Лигата на шампионите. За Абутовиќ ова ќе биде враќање во клубот во кој ја започна кариерата, но и нова можност да работи со добро познато име – Раул Гонзалез.
Токму периодот поминат во Македонија има посебно место во богатата кариера на Абутовиќ. Тој во Македонија помина девет години, настапувајќи за Вардар и Еурофарм Пелистер, а со „црвено-црните“ во 2017 година ја освои Лигата на шампионите.
Во интервју за „Моцарт Спорт“, српскиот ракометар со посебни емоции зборуваше за времето поминато во Македонија.
„Морам да кажам дека во Македонија се чувствував навистина прекрасно. Поминав девет години таму и никогаш не се доживував како странец.“
Абутовиќ е особено задоволен што по подолг период повторно ќе има можност да настапува во најсилното европско клупско натпреварување со српски клуб.
„Среќен сум што повторно ќе играм Лига на шампиони со српски клуб и што Белград по долго време повторно ќе биде дел од елитното европско натпреварување.“
Во Партизан, Абутовиќ повторно ќе соработува со Раул Гонзалез, стратегот со кого испиша историја во Вардар. Под водство на шпанскиот тренер, Вардар во 2017 година стигна до европската круна.
Абутовиќ вели дека денес и двајцата се поинакви, но верува дека заедно можат да создадат нова успешна приказна.
„Мојата главна улога е да бидам играч и затоа дојдов во Партизан. Раул го познавам многу добро, иако поминаа години од нашата последна соработка. И двајцата сме поинакви денес, но започнуваме нова приказна.“
Искусниот дефанзивец со гордост се присетува на заедничкиот успех со Вардар, но нагласува дека сега пред нив е нов предизвик.
„Горд сум на сè што постигнавме заедно во Вардар, но ова е нов проект. Ми претставува задоволство што повторно ќе работиме заедно и верувам дека нè очекува уште една успешна приказна.“
Абутовиќ во кариерата настапуваше за Слован, Вардар, Рајн Некар Левен, Шартр и Еурофарм Пелистер, а најголемиот успех го оствари во 2017 година со освојувањето на Лигата на шампионите со Вардар.

























