Танески: Сериозно се подготвуваме за Аеродром, ако победиме – ни се отвора патот кон плеј-оф

Ракометарите на Струга во натпревар од 7. коло од Супер лигата ќе гостуваат во Скопје кај дебитантот Аеродром.

Стружани се на добар пат да завршат на едно од местата кои водат во плеј-оф фазата, но за остварување на целта најпрво ќе треба да го дадат својот максимум во саботниот дуел.

Тренерот на Струга, Наум Танески, е претпазлив за дуелот со Аеродром, бидејќи скопскиот тим е најпријатно изненадување во досегашниот тек од сезоната.

,,Победа на натпреварот со Аеродром ни го отвара патот кон плеј-офот и ќе ни обезбеди голема предност во доигрувањето на останатите кола во Супер лигата. Тимот на Аеродром е изненадувањето во групата А, го доби Еурофарм Пелистер 2 во Битола и со тоа докажаа дека играат добар ракомет и дека треба сериозно да се подготвуваме за тој дуел. Струга како што поминува времето ја подига формата и ќе игра уште подобар ракомет. Ние имаме краток ростер и работиме на тоа да добиеме на ширина со играчи од нашата школа како Филип Мечкароски, Филип Велјановски, Бобан Савески, како и Марко Милиќ, кој летово пристигна од Еурофарм Пелистер 2″, изјави Танески.

Стратегот на Струга истакна дека младите ракометари во иднина ќе добиваат се поголема минутажа за да го покажат својот раскошен талент.

,,Во минатото коло го победивме Еурофарм Пелистер 2, доста квалитетна екипа составена од младински, кадетски репрезентативци и неколку талентирани играчи од странство. Пресуди добрата одбрана надополнета со голманот Рикановиќ, имаше 13 интервенции. Иднината на Струга е во младите категории. Имаме доста квалитетни играчи од 2006, 2008 и 2010 генерација. Голем дел од нив тренираат со првиот тим и во иднина ќе добиваат се поголема минутажа да го искажат својот талент и во суперлигашката конкуренција”, заврши Танески.

Дуелот меѓу Аеродром и Струга ќе се одигра во недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 12:00 часот.