Лигата на шампионите се враќа во Скопје, а Вардар подготвува посебна увертира за првиот домашен европски натпревар сезонава. „Црвено-црните“ на 16 септември ќе го пречекаат француски Нант во СЦ „Јане Сандански“, а атмосферата ќе започне да се загрева уште пред почетокот на натпреварот.
Вардар најави голема фан-зона пред спортската сала, каде што навивачите ќе можат да уживаат во музика, забава и различни активности. Клубот засега не ги открива сите детали, но најавата е дека подготвува вистинска европска атмосфера и забава за своите симпатизери.
„Заедно до победа – за љубовта наша голема!“, порачаа од Вардар.
За македонскиот шампион ова ќе биде прв домашен натпревар во Лигата на шампионите по четири години пауза. Камбекот на европската елита во Скопје ќе биде посебен момент за вардаровите навивачи, кои повторно ќе имаат можност да гледаат натпревар од најквалитетното европско клупско натпреварување во „Јане Сандански“.
Вардар ја започна сезоната во ЛШ со гостинскиот дуел против Мелсунген, на кој по голема борба загуби со 33-31. И покрај поразот, тимот на Иван Чупиќ остави добар впечаток и до самиот финиш беше во игра за позитивен резултат.
Нант, пак, со победа ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите, откако на домашен терен ја совлада Висла Плоцк со 26-25.
Следува нов европски предизвик за Вардар, но овојпат пред својата публика. Натпреварот Вардар – Нант ќе се одигра на 16 септември, со почеток во 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
Скопје се подготвува за голема европска ракометна вечер, а Вардар со поддршката од трибините ќе се обиде да стигне до првата победа во новата сезона од Лигата на шампионите.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























