Суперлигашкиот тим од Автокоманда во натпревар од 18. коло без многу проблеми успеа да го победи дебитантот Борец ФЛ со 42:30.
Тренерот Лазаров се одлучи на овој натпревар да одмори дел од стандардните првотимци, но и со комбиниран состав домаќините беа доминантни.
Велешани на моменти во првиот дел парираа, а свое шоу покрај стативите имаше голманот Бојан Солев, кој натпреварот го заврши со дури 17 интервенции.
Домаќините на полувреме заминаа со предност од 23:16 и рутински го одработија вториот дел, во кој гостите немаа многу сили за надигрување.
Предводник во победничката екипа беше Мартин Ивановски со 11 погодоци, додека во поразениот табор се истакна Виктор Трифуновски со седум, а го следеше Марио Миланов со шест погодоци.
Следен предизвик за тимот на Кире Лазаров ќе биде реванш дуелот со Бриксен од осминафиналето во Европскиот Куп.