Симовски: Девојките одработија дисциплинирано и паметно, затоа дојдовме до двојна круна

Екипата на Ѓорче Петров го освои трофејот во Купот на Македонија кај дамите и во третиот обид конечно успеа да дојде до двојна круна.

Ѓорче Петров на 31. издание од Купот на Македонија со одличен втор дел дојде до убедлив триумф над Чаир од 36:24.

Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски, по освоената двојна круна за 24Ракомет ги сподели првите импресии.

,,Честитки до девојките и стручниот штаб за одработеното, договореното уште од август, односно од почетокот на првенството, максимално го одработија во секој сегмент и на физички и на тактичко-технички план. Беа истрајни во сите добри и лоши работи. Во Ф4 турнирот во Купот одлучува еден натпревар, топката е округла, ние бевме прецизни во анализата, комплетно ја анализиравме играта на Чаир и Куманово, во финалниот дуел во првите петнаесетина минути имавме опасност од три позиции, беа анулирани потоа, и во останатиот дел сѐ беше на наша страна”, изјави Симовски.

Освен на домашна сцена, во оваа сезона Ѓорче Петров учествуваше и во Европскиот Куп, во кој направи голем успех со пласманот во четвртфиналето.

,,Целата сезона беше напорно, имаме натпревари во кои тренингот ни е појак, но и тој натпревар треба да го одработиш и да се подготвиш за него. Девојките одработија дисциплинирано, паметно и затоа дојдовме до двојна круна, морам да напоменам дека во Европскиот Куп влеговме мегу најдобрите осум екипи, презадоволен сум од постигнатото”, заврши Симовски.

Ова е 17. титула за Ѓорче Петров, кој го наследи спортскиот континуитет на клубот, кој зад себе има една европска титула и досега 16 Куп титули во Македонија.

Ѓорче Петров со фуриозен втор дел до Куп трофеј