Некогаш големиот талент на хрватскиот ракомет, десниот бек Шиме Ивиќ, по ангажманот во Олимпијакос, се врати дома и ќе го носи дресот на Трогир. Ивиќ беше дел од Лимож, Екс Ан Прованс, Минден, АЕК Атина, Мешко Брест, Висла Плоцк…
Српскиот вицепрвак Војводина потпиша договор со левиот бек од Египет, Карим Хамди, кој ја мина пробата во Охрид за време на турнирот „Крсте Андоновски“. Хамди претходно беше дел од хрватската Дубрава и босанската Слобода Тузла.
Левото крило Давид Мандиќ ја продолжи верноста кон бундеслигашот Мелсунген и ќе остане таму најмалку до 2030 година. Иако има големи проблеми со повредите, сепак Мандиќ е важна алка во составот на Роберто Парондо.
Некогашниот десен бек на екипата на Струга, Лазар Ристиќ, во новата сезона ќе ги брани боите на новиот српски суперлигаш Железничар Југ. Тој претходно играше за босанскиот тим Горажде и словачкиот состав Захораци.
























