Ракометарите на Вардар денеска го играат првиот натпревар од новата сезона во Лигата шампионите на гостински терен кај Мелсунген, предводен од некогашниот стратег на „црвено-црните“, Роберто Гарсија Парондо.
Вардар ќе биде ослабен на гостувањето во Касел, па тренерот Иван Чупиќ ќе мора да комбинира со составот за оваа пресметка.
Нема да игра десниот бек Урош Митровиќ, кој е суспендиран четири меча по црвениот и син картон минатата сезона против Монпелје. Исто така нема да игра ниту Милан Лазаревски, кој се уште не е подготвен за настап, во составот не е ни Жоао Педро Да Силва, а повреден е Марио Стојановски.
Роберто Парондо нема да смета на Даниел Душебаев и Давид Мандиќ, ниту на десниот бек Николај Едерлејт и повредениот Тимо Кастенинг.

























