Екипата на Динамо Букурешт за следната сезона ќе бара вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите и доколку ја добие ќе треба да има конкурентен тим во елитата.
Клубот од романската престолнина во оваа сезона се натпреварува во второто по ранг европско клупско натпреварување – Лигата на Европа и има амбиции да стигне до завршницата, односно до Ф4 турнирот.
Во составот на Чави Пасквал ќе има одредени промени во следната сезона, на лето ќе си заминат неколку клучни играчи, меѓу нив е и српскиот репрезентативец, Лазар Кукиќ, кој реши кариерата да ја продолжи во Унгарија, поточно во екипата на ПИК Сегед.
Според пишувањата на „RTH Handball“, репрезентативецот на Шпанија, Јан Тарафета, би можел да биде новото засилување во тимот предводен од Пасквал. Шпанецот од сезона 2020/21 настапува во францускиот Екс ан Прованс, а претходно беше дел од тимот на Гранољерс.
Доколку се остварат шпекулациите, тогаш средниот бек ќе биде квалитетна замена за Кукиќ. 25-годишниот ракометар со „црвената фурија“ го осови среброто на Европското првенство 2022.