Серафимов: Не треба да жалиме – гледаме напред, следен е Катар!

Македонија ремизираше во драматичен натпревар, 29-29, со селекцијата на Австрија во првото коло од главната рунда на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.

Бекот Мартин Серафимов по ремито потенцира дека нема за што да жалиме и дека треба веднаш да се насочиме кон следниот противник.

„Треба да сме среќни затоа што успеавме да извлечеме бод во последната секунда со голот на Кузмановски. Не треба да жалиме. Гледаме напред и одиме понатаму. Следен е Катар.

Многу е важно тоа што сме свесни за нашиот квалитет, имаме добра атмосфера, играме еден за друг, дишеме еден за друг, си даваме поддршка и нема глава долу, само одиме напред и веруваме еден во друг и затоа се случи тоа што се случи“, заклучи Серафимов.

Македонија во второто коло од главната рунда, в четврток од 15:30 часот ќе се соочи со Катар во „Вараждин арената“.