Турција во моментов полека, но сигурно ја гради една од најинтересните ракометни приказни во Европа. Не преку еден случаен резултат, ниту преку една силна генерација што одеднаш се појавила, туку преку систем што почнува да добива форма, ширина и јасна насока.
Најсилниот доказ за тоа е бројката што веднаш привлекува внимание – 444. Толку ракометарки, според Давид Гинеста, селекторот на жеснаката репрезентација поминале низ програмата на турската федерација во само една година. Од нив, околу 50 биле од сениорската селекција, а речиси 390 од помладите категории и базата. Тоа не е бројка за украс. Тоа е порака дека Турција не се обидува да создаде тим за денес, туку да изгради основа за утре.
И резултатите веќе почнуваат да се гледаат. Женската јуниорска репрезентација се пласираше на Светското првенство првпат по 25 години. Машката селекција доби место на Светското првенство во 2027 година. А пред тоа, Турција ќе биде и еден од домаќините на Европското првенство за жени во 2026 година. За земја што досега не беше препознаена како сериозна ракометна сила, ова е јасен знак дека нешто се менува.
Зад тој исчекор стои јасна идеја. Шпанскиот тренер Давид Гинеста, кој ја води женската сениорска и јуниорска селекција, објаснува дека во федерацијата сакаат сите репрезентативни нивоа да работат по сличен модел. Отворени се тренинг-центри низ земјата, а еднаш месечно се обидуваат да ја соберат целата генерација на едно место, најчесто во Анкара, за заедничка работа. Едноставно, Турција конечно се обидува да го направи она што го прават сериозните ракометни земји – да не чека талентот сам да излезе, туку системски да го бара и развива.
Интересно е што овој подем не доаѓа преку спектакл, туку преку упорност. Турција и понатаму не е на нивото на најсилните европски селекции, и самите го признаваат тоа. Но, важно е што веќе почна да се навикнува да биде дел од големи натпреварувања, да игра со сериозни противници и да ја чувствува таа сцена како нешто нормално, а не како сензација.
И тука лежи суштината на приказната. Големите селекции не се раѓаат преку една добра недела. Се создаваат преку широка база, преку работа со генерации, преку натпревари, тренинг-центри и континуитет. Турција очигледно конечно тргна токму по тој пат.
Дополнителен плус е и инфраструктурата. Tурската федерација располага со услови што овозможуваат во иста средина да се тренира, да се престојува и да се организираат меѓународни подготовки. Тоа им помага полесно да покануваат странски селекции, да играат повеќе пријателски натпревари и да им дадат на младите играчки искуство што не може да се добие само во домашна конкуренција.
Во таков амбиент, бројката 444 не е само статистика. Таа е симбол на новата турска идеја – дека ракометот мора да се гради широко, трпеливо и со план. А кога на тоа ќе се додадат Светско првенство, домашно Европско првенство и сè поголема изложеност на меѓународната сцена, тогаш станува јасно дека Турција можеби уште не е ракометна велесила, но веќе сериозно се подготвува да стане многу поважен фактор отколку што беше досега.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























