Беше европски шампион во 2016 – сега ќе игра во нисколигаш

Тобиjас Рајхман повторно ќе игра ракомет, иако многумина веќе го гледаа во поинаква улога по крајот на професионалната кариера. Европскиот шампион со Германија од 2016 година ќе го облече дресот на германскиот Велмар и во новата сезона ќе настапува во регионалната лига.

Според објавените информации, 38-годишното десно крило ќе ја комбинира играчката улога со ангажманот што веќе го имаше во клубот. Во вториот дел од минатата сезона тој работеше како консултант и помошник тренер во Велмар.

Рајхман и самиот потврди дека одлуката не ја донел случајно, туку затоа што му се допаднала средината во клубот и сака повторно да биде дел од теренот.

„Ми се допадна да работам во овој клуб. Сега сакам тоа да го комбинирам со играњето. Сакаме да се погрижиме уште од почеток да не влеземе во борба за опстанок и да уживаме во ракометот“, изјави Рајхман.

Станува збор за едно од добро познатите имиња на германскиот и европскиот ракомет. Рајхман со репрезентацијата на Германија беше европски шампион во 2016 година, а истата година стигна и до олимписка бронза. За националниот тим одигра 196 натпревари и постигна 291 гол. Зад себе има и богата клупска кариера, во која настапуваше за Кил, Келце, Мелсунген, Рајн Некар Левен и Фуксе Берлин.