Ниту ЛШ, ниту ЛЕ кај дамите: Македонија со четири места во ЕХФ Купот!

Европската ракометна федерација ја објави распределбата на местата за женските европски клупски натпреварувања во сезоната 2027/28, која се базира на резултатите на клубовите од националните федерации во периодот од 2023/24 до 2025/26.

По одлуките на Извршниот комитет на ЕХФ, од сезоната 2027/28 ќе бидат воведени нови системи на натпреварување во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, додека системот во ЕХФ Европскиот куп останува непроменет.

Македонија одамна нема место во ЛШ, а сега го загуби и местото во ЛЕ, со оглед на падот од 16 на 19 место со коефициент 1.00, но добива место плус во ЕХФ Европскиот Куп и наместо три за сезоната 2027/28 ќе има четири места.

Во женската Лига на шампиони повторно ќе настапуваат 16 клуба, кои ќе бидат поделени во четири групи од по четири екипи. Девет федерации ќе имаат по едно загарантирано место: Унгарија, Франција, Данска, Романија, Германија, Хрватска, Норвешка, Словенија и Црна Гора. Дополнително, едно место ќе добие најдобро рангираната федерација од Лигата на Европа (Франција), а уште шест клуба ќе можат да аплицираат за апгрејд во Лигата на шампионите.

Најголемата промена е во Лигата на Европа, која од сезоната 2027/28 ќе брои 24 екипи, наместо досегашните 16. Во новиот формат нема да се игра квалификациска фаза, а првично се предвидени 28 места. Од нив седум клуба ќе преминат во Лигата на шампионите, две места се резервирани за федерации со понизок ранг меѓу кои и Македонија и плус уште едно место ќе биде доделено преку специјална покана.

Конкуренти на македонскиот првак за место преку вајлд-карта во групите на ЛЕ ќе му бидат шампионите на Словачка, Италија, Холандија, Грција, Португалија…

Во ЕХФ Европскиот Куп, Македонија ќе има четири тима во сезоната 2027/28 (или три ако првакот добие вајлд-карта за ЛЕ).