Највисок рејтинг во ЕХФ Купот има Македонија, ама остана со место помалку за 2027/28

Европската ракометна федерација го објави националниот рејтинг за европските купови и распределбата на местата за сезоната 2027/28.

Македонија напредуваше и во ЛШ и во ЛЕ, но и покрај тоа остана без директно место во елитата, а доби место плус во второто по ранг европско клупско натпреварување. Во ЕХФ Европскиот Куп, Македонија ги има последните два освојувачи на трофејот и согласно тоа на рејтингот кој ги зема во предвид сезоните 2023/24, 2024/25 и 2025/26, го има првото место со коефициент, 50.00, но тоа не носи привилегија плус.

Maкедонија досега имаше едно место во ЛЕ и три во ЕХФ Купот, но поради тоа што максимумот екипи што дозволува ЕХФ (без вајлд-карти) од федерација е четири (освен за првите и вторите во ЛЕ кои може да пријават пет), за сезоната 2027/28 во третото по ранг европско клупско натпреварување ќе може да се пријават вкупно две македонски екипи.

Но останува можноста за вајлд-карти за петто и шестопласираната екипа од Македонија да заигра во ЕХФ Купот, каков што беше случај минатата, но и сезонава што следува.