Сензација во Купот на Германија: Кузмановски и Миркуловски го исфрлија Кил

Големиот гигант Кил нема да се бори за Куп трофеј во Германија, откако неочекувано доживеа елиминација во првата рунда од Вецлар.

Клубот во кој настапува репрезентативецот на Македонија, Филип Кузмановски, а асистент е Филип Миркуловски, ги шокираше „зебрите“ со 32:31 и најави дека има квалитет да стигне што подалеку во оваа сезона

Во израмнет натпревар, со голема неизвесност, составот на Вецлар за нијанса беше подобар од Кил и заслужено обезбеди пласман во следната рунда од Купот на Германија.

Вецлар во победата над Кил беше предводен од репрезентативецот на Словенија, Домен Новак. Десниот бек од натпревар во натпревар е сѐ подобар и во дуелот со Кил имаше дури десет реализации.

Левиот бек Лени Рубин беше втор стрелец  во победничката екипа со осум реализации, додека Кузмановски не успеа да се запише во листата на стрелци.

Во составот на Кил најрасположен беше Ерик Јохансесен со седум гола, два помалку постигнаа Домагој Дувњак и Никлас Екберг.