Се формира младинска Лига на шампиони, Еурофарм Пелистер може да игра

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) одобри воведување на ново натпреварување во календарот за следната, 2025 година.

Од европската ракометна куќа одобрија да се формира Лига на шампиони во младинска конкуренција, а во младинското натпреварување на европска сцена предвидено е да учествуваат младинските екипи на сениорските тимови, кои моментално се учесници во ЛШ.

Во првиот дел од натпреварувањето ќе има четири турнири со по четири екипи. Победниците од четирите турнири ќе обезбедат пласман на завршниот турнир, кој паралелно ќе се одржи со Ф4 турнирот во Келн, па така младите ракометари ќе имаат дополнителна мотивација да го покажат најдоброто од себе.

Најпрво, право на учество имаат актуелните 16 клуба од Лига на шампионите, меѓу нив се наоѓа и македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, кој изминатите сезони има забележителни резултати во младинските категории на домашна сцена.

Од ЕХФ истакнаа дека планирано е сличен турнир во женска конкуренција, најверојатно тоа ќе биде во 2026 година.