Македонскиот првак Вардар по поразот на гостински терен кај Мелсунген со 33-31 во првото коло од Лигата на шампионите, се врти кон вториот предизвик.
Во Скопје доаѓа францускиот Нант, кој во првото коло славеше против Висла Плоцк во драматична завршница.
Тренерот Иван Чупиќ вели дека се размислува само на победа.
„Ни следува прв натпревар дома. Имаме големи очекувања за утрешниот меч. За Нант можам да кажам само убави зборови, но сигурно дека имаме свои желби како да стигнеме до прва победа. Мора да бидеме претпазливи и од почеток да веруваме. Сакам да видам вистинска конекција меѓу нашите навивачи и ракометарите. Ако оствариме победа, таа ќе ни биде ветер во грб за следните натпревари“, изјави Чупиќ.
Tој нагласи дека карактерот и односот на играчите му даваат верба дека Вардар може да одигра уште еден квалитетен европски натпревар.
„Кога работиш со оваа група играчи, кога секој ден си во сала и гледаш како се борат, колку се мотивирани, колку сакаат и колку едвај го чекаат почетокот на натпреварите во Лигата на шампионите – уште од првиот ден на подготовките до денес, тие ми даваат самодоверба. Ми даваат верба дека имаме добар и карактерен тим. Поради тоа чувствувам ентузијазам и голема желба и едвај го чекам нашиот прв домашен натпревар во Лигата на шампионите. Не можам да кажам дека чувствувам некаков посебен притисок. Но, нормално е кога си тренер или играч на Вардар, на секој натпревар да мораш да победиш. Тоа доаѓа со работата“, заврши Чупиќ.
Натпреварот меѓу Вардар и Нант се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:45 часот, а два часа претходно ќе статува фан-зоната пред салата.
























