🎥 Скандал во Словенија – тренер го фати својот играч за врат среде меч!

Непријатен инцидент го одбележа натпреварот од словенечката 1Б лига меѓу Љубљана и Копер. Тренерот на домашниот тим Грегор Цвијиќ го фати за врат својот играч Лука Перновшек, а клубот веќе го тргна од клупата додека трае постапката.

Словенечкиот ракомет е потресен од инцидент кој се случи на натпреварот меѓу МРК Љубљана и Копер, а снимките од настанот брзо се проширија на социјалните мрежи.

Во еден момент тренерот на Љубљана, Грегор Цвијиќ, го фати за врат својот ракометар Лука Перновшек додека играчот минуваше покрај клупата. Ситуацијата веднаш ја смируваа останатите ракометари и членовите на стручниот штаб.

Натпреварот заврши со победа на Копер од 27-22, но резултатот брзо падна во втор план по објавувањето на видеото, кое може да го погледнете ТУКА.

Од МРК Љубљана најпрво соопштија дека се запознаени со случајот и дека започнале внатрешна постапка за да се утврдат сите околности.

„Активно ги истражуваме сите околности на настанот. Сакаме случајот да го разгледаме одговорно и коректно кон сите инволвирани и ќе соработуваме во сите евентуални надворешни постапки“, соопшти клубот.

Неколку часа подоцна беше повлечен и првиот конкретен потег.

Екипата до понатамошно известување ќе ја води досегашниот помошник Бенце Шимон, поранешен унгарски ракометар и сопруг на поранешната словенечка репрезентативка Ана Грос. Тоа значи дека Цвијиќ барем привремено е тргнат од тренерската позиција додека се расчистува случајот.

Случајот нема да остане само на интерна постапка во клубот. Од Ракометната федерација на Словенија потврдија дека комесарот за натпреварувањето добил пријава и дека е започната дисциплинска постапка за настанот. Додека таа трае, федерацијата нема да излегува со дополнителни детали.

Од федерацијата испратија и јасна порака.

„Имаме нулта толеранција кон секој облик на насилство, бидејќи за него нема место во спортот“, порачаа од Ракометната федерација на Словенија.

Во словенечката федерација постои дисциплински правилник што предвидува санкции за вакви случаи, а во последниот период дополнително се работи и на кодекс на однесување за клупските натпреварувања.

Сега се очекува исходот од дисциплинската постапка, но во Љубљана веќе донесоа прва одлука – Цвијиќ засега нема да го води тимот.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗