Малус пред Нант: Мотивацијата ми е на највисоко ниво, едвај чекам да излеземе на теренот

Македонскиот првак Вардар по поразот на гостински терен кај Мелсунген со 33-31 во првото коло од Лигата на шампионите, се врти кон вториот предизвик.

Во Скопје доаѓа францускиот Нант, кој во првото коло славеше против Висла Плоцк во драматична завршница.

Средниот бек Јака Малус очекува Вардар да ја продолжи успешната серија на домашен терен.

„Сакаме да ги освоиме првите бодови во Лигата на шампионите. На домашен терен немаме пораз повеќе од една година и сакаме да продолжиме во ист ритам и оваа сезона. Во натпреварот влегуваме оптимистички. Добро сме подготвени тактички, психички и физички. Ќе го дадеме максимумот и со поддршка од трибините ќе одиме по првите бодови во Лигата на шампионите. Со големи очекувања и голема желба го чекаме натпреварот“, изјави Малус.

За Малус, настапот во „Јане Сандански“ во дресот на Вардар претставува посебен мотив.

„Мислам дека секој натпревар за мене е голема мотивација. Како што кажав и кога дојдов, имав можност да играм во ‘Јане Сандански’ кога Вардар беше во своите најдобри години, а сега можноста да настапувам тука во дресот на Вардар е уште поголема мотивација. Дерби натпреварите ми се голема мотивација, како и европските натпревари во Лигата на шампионите. Најголема мотивација е да настапуваш во најелитното натпреварување во ракометот. Мотивацијата ми е на највисоко ниво. Едвај чекам да заврши последниот тренинг, да се одмориме и да излеземе на теренот“, дополни Малус.

Натпреварот меѓу Вардар и Нант се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:45 часот, а два часа претходно ќе статува фан-зоната пред салата.