Романците натурализираат уште еден Хрват!

Машката репрезентација на Романија го добива епитетот „европски Катар“, откако планира да натурализира и четврти ракометар. Според „ГСП“, на мета на новиот селектор Георге Буричеа е левото крило на Констанца, Валентино Равниќ.

Равниќ игра во клубот кој го тренира Буричеа и квалитетите му се добро познати, па селекторот веднаш „ургирал“ кај претседателот на федерацијата, Константин Дин за да се забрза процесот за натурализација.

На левата крилна позиција во романската селекција играат Никисур Негру, кој најави пауза од репрезентативните настапи, па Буричеа смета дека Равниќ ќе донесе квалитет плус.

Романија во баражот за СП 2025 ќе игра со Чешка, додека во битката за место на ЕП 2026 ќе се соочи со Израел, Португалија и Полска.

Равниќ играше за Хрватска во младинските категории, беше дел и од сениорската репрезентација, но последен пат на ЕП 2020, па поминато е доволно време за да може да го облече романскиот дрес.

За Романија како натурализирани ракометари играат Хрватот Анте Кудуз, Иранецот Сеид Хаидерирад, како и Шпанецот Хавиер Хумет.