Три трофеи за 85 дена: Пуљезевиќ откри како го претвори Мешков Брест во победничка машина

Ненад Пуљезевиќ е едно од препознатливите голмански имиња од генерацијата која остави силен печат во европскиот ракомет. Роден во Белград, во кариерата бранеше за Црвена Звезда, Ловќен, ПИК Сегед, Хановер и Кадетен Шафхаузен, а настапуваше и за репрезентациите на Југославија и Унгарија. Со Унгарија играше на големите натпреварувања, додека најдобрите години од клупската кариера ги мина во Сегед, каде беше еден од лидерите на тимот.

По играчката кариера, започна тренерска кариера, а сега е дел од Мешков Брест, со кој ја освои шампионската титула во белорускиот шампионат и ја освои тиитулата во СЕХА лигата. Тој дојде во Брест од Црвена Звезда.

Иако белорускиот гигант не е дел четири сезони од европските купови, сепак останува да гради одличен тим, кој игра на домашна сцена, но и на меѓународна во регионалната СЕХА лига.

Пуљезевиќ одлично се снајде во Брест откако дојде во белорускиот тим и му донесе веќе три трофеи, откако ја презема улогата на прв тренер.

„Беше многу тешко, но успеавме. Цел живот сум во спортот и во текот на мојата кариера се подготвував за оваа работа. Како тренер работам повеќе од 12 години. Дипломирав на Спортскиот универзитет, а веќе 10 години ја имам дипломата за мастер тренер. Се обидував да работам со различни возрасни категории за да стекнам што е можно повеќе искуство. Работев со младински категории, девојчиња и момчиња до 12 и до 18 години, во Германија како тренер, со екипи од втората и првата лига во Србија, а работев и во Катар. Пред да дојдам во Брест, бев главен тренер на Црвена звезда од Белград, но се разделивме поради различни гледишта во однос на нашата понатамошна соработка“.

Некогашниот тренер и спортски директор на Вардар, Едуард Кокшаров, бил конекцијата на Мешков Брест и Пуљезевиќ.

„Сè започна кога Еди Кокшаров ме повика да дојдам во Брест и да работам како тренер на голманите. Се договоривме по разговор од пет минути и уште од почетокот бев целосно вклучен во работата со тимот. Бевме на иста бранова должина за многу работи и имавме одлична соработка, сè до трагедијата“.

По големата трагедија и смртта на Кокшаров, Пуљезевиќ заедно со Василиј Островски го презема тимот. На прес-конференцијата по освојувањето на титулата во СЕХА лигата, Пуљезевиќ потенцираше: „Сите наши победи му ги посветуваме на Едуард Кокшаров. Сè додека работам во Мешков Брест, сите наши победи ќе му бидат посветени нему“.

„Тоа беше повеќе од трагедија за сите нас. Бевме на тренинг-камп и го чекавме тренингот кога се случи. Во еден момент, целиот наш живот целосно се промени. Таква ситуација никогаш претходно немало во спортот и немавме со кого да разговараме за тоа. Најпрво, Васја и јас се обидовме ментално да ги вратиме играчите во нормала по трагедијата, но беше многу тешко. Набргу потоа го загубивме и финалето на Купот, што беше уште еден удар за тимот. Но, имавме голема поддршка од господинот Мешков и од генералниот директор Николај Хорушун и продолживме да работиме и да го поддржуваме тимот. Многу играчи дојдоа тука поради Еди, а и јас бев меѓу нив. Длабоко во себе сакавме да направиме сè во негова чест. На крајот победивме, но никој не знае колку беше тешко секој ден да доаѓаме во канцеларијата и да го гледаме неговото празно столче…“

Голем ривал на Мешков Брест во битките за домашните титули е СКА Минск.

„Сум слушнал дека се добар тим, составен во голема мера од играчи кои се развиле во нивниот младински систем, и тоа многу ме изненади. Но, по одредено време работејќи тука, сфатив дека многу од нивните играчи всушност почнале да играат ракомет надвор од Минск. Тоа е еден вид екосистем. Младите играчи на возраст од 13 до 16 години се повикуваат да студираат во Републичкиот центар за олимписка подготовка или во Републичкото државно училиште за олимписка резерва, а потоа преминуваат во СКА, најпрво во младинските категории, а на крајот и во сениорскиот тим. На пример, Игор Бељавски, кој сега игра во Загреб, ракометното образование го започнал во ракометното училиште во Шчучин. Кирил Рабчински, кој игра во Келце, доаѓа од Малорита, додека Дмитриј Хмељков, кој настапува за ЦСКА, е роден во Чауси. Во актуелниот состав на СКА Минск има и двајца играчи кои се развивале во Гродно – Марк Фурман и Јегор Јузафович, додека искусниот голман Вјачеслав Салдаценка доаѓа од Орша. Може да се каже дека целата земја работи за СКА. Тие скаутираат низ цела Белорусија и ги собираат најдобрите млади таленти од сите региони“.

По драматичниот финиш во Купот на Белорусија, Мешков Брест убедливо стигна до титулата во финалната серија против СКА Минск, а следуваше и триумфот во СЕХА лигата. Пуљезевиќ вели дека формулата за успех е едноставна.

„Во текот на кариерата ме тренираа многу олимписки и светски шампиони и учев од неверојатни тренери. Но, јас имам свој начин и верувам во моето знаење и искуство. Формулата е едноставна: напорна работа, верба во тоа што го работиш и убедување на тимот да ти верува… Никој не смее да биде над тимот, никој“.

Српскиот стратег вели дека мечот кога беше освоена домашната титула ќе му остане во сеќавање.

„Секако, тоа е натпреварот во Минск кога ја освоивме титулата. Но, постои еден незаборавен момент. Два дена пред првиот натпревар од плејофот во Брест, за време на тренингот разговарав со еден играч – нема да го откријам неговото име – и тој само рече: „Ова изгледа многу добро…“ Во тој момент знаев. Тоа беше тоа. Два дена подоцна ги победивме со 14 гола разлика и продолживме понатаму…“.

Оваа сезона Мешков Брест ја почна со трофеј во Супер Купот на Белорусија. И повторно со триумф над големиот ривал СКА Минск, но не беше лесен меч. Напротив.

„Овој натпревар создаде огромен притисок врз тимот, како и секој натпревар за трофеј. Грешките се нормален дел од играта. Секако, подобро е кога водите со пет-шест гола, но тоа е спортот. Како кога губевме со шест гола во финалето на СЕХА против Зенит. Верував во тимот и знаев дека ќе се вратиме. На играчите им беа потребни само неколку информации од мене и повторно сè беше во ред. Нема да кажам што точно им зборував, бидејќи нашата соблекувална е свето место и сè што ќе се каже таму – останува таму“.

По крајот на мечот, Пуљезевиќ им покажа на навивачите парче хартија со број.

„На хартијата напишав број кој покажуваше со колкава разлика ќе победиме. Промашив за еден гол… Толку многу верувам во мојот тим“, вели Пуљезевиќ.

По мечот имаше голема прослава со навивачите, која не беше планирана.

„Секако дека не беше планирано. Едноставно, емоциите во моментот… Трет трофеј за 85 дена – нормално е да биде емотивно“.

Тој делува смирено покрај аут-линијата, ги поддржува своите ракометари по неуспесите.

„Како што кажав, сакам тие да знаат дека секогаш ја имаат мојата поддршка и дека сум тука поради нив и поради тимот. Се обидувам да бидам колку што е можно посмирен, бидејќи тие веќе се под стрес и не им треба дополнителен притисок. Покрај тоа, се обидувам да им ја пренесам идејата дека на секој натпревар треба да играат со 100% ангажман на теренот. А, секако, мотивирачките говори остануваат зад вратата на соблекувалната“.

Српскиот тренер смета дека секој играч треба да верува во својот соиграч.

„Како што реков, мора да работиме напорно. Мора да дадеме 100 проценти во секој момент од секој тренинг. Секој треба да верува во својот соиграч и во тимот и да биде подготвен да умре за другиот“.

Целите на Мешков Брест секогаш се високи – да победи во секое натпреварување.

„Каде и да работите, секогаш има притисок. Ако сакате да играте на највисоко ниво, притисокот е нормална работа. Се обидувам да ги тренирам играчите да играат добро под притисок. Кога играат две екипи со ист квалитет, најчесто разликата ја прават играчите кои носат добри одлуки под притисок. Некои познати спортисти велат дека притисокот е привилегија и јас се согласувам со нив“.

Иако Мешков Брест не е дел од европските натпревари, навивачите и тамошни љубители на ракометот го разбираат овој спорт многу добро и секогаш се голема поддршка за ракометарите.

„Навивачите се многу важни за нас и нивната поддршка значи многу за играчите. Тимот не го сочинуваат само играчите. Во поширока смисла, тимот го сочинуваат управата, стручниот штаб, медицинскиот тим, играчите и навивачите. И сите мора секогаш да бидеме заедно – и во добри и во лоши моменти. Многу ги почитувам нашите навивачи. Како што кажав претходно, на последниот натпревар во Минск, тајм-аутот непосредно пред крајот на натпреварот беше посветен на нив, за да им кажеме „благодарам за поддршката“, особено во сезона како минатата“.

Надвор од ракометот, Пуљезевиќ е татко на четири деца, но ниту еден засега нема да тргне по неговите стапки.

„Даница и Душан веќе ги избраа своите патишта надвор од спортот, додека Павле и Лука сè уште се школуваат. Сите пробаа некаков спорт. Павле моментално игра кошарка, но јас не сум родител кој инсистира децата да го следат неговиот пат. Јас се реализирав како играч, како тренер и како родител, а сега само треба да ги поддржувам и да им помагам во животот“.

Животното мото на Пуљезевиќ е она што е напишано на познатата тврдина во Брест.

„Како што е напишано на ѕидот на познатата тврдина овде во Брест: „Умирам, но не се предавам“ – ниту во животот, ниту во спортот“.