Женската репрезентација на Македонија денеска ги дозна ривалите на претстојното Европско првенство 2024.
Ракометарките на Македонија ќе играат во групата А во градот Дебрецин против селекциите на Унгарија, Шведска и Турција.
Десното крило Сара Ристовска, која игра во одлична форма во дресот на ЦСКА Москва, ја коментираше групата на македонската репрезентација.
,,Мислам дека ќе биде одлично Европско првенство. Групната фаза ја играме во Унгарија, така што сигурно ќе имаме многу симпатизери од Македонија, нашиот најблизок, огромен поддржувач. За нашите ривали можам да кажам дека имаме искуство меѓу себе. Со Турција имаме одиграно многу контролни и официјални натпревари. Шведска била наша многупати голема препрека во баражи за пласман на големите натпреварувања, а Унгарија е квалитетна репрезентација. Веќе знаеме со кого играме и каков предизвик имаме пред себе. Со една сериозност, професионалност и одлична подготовка, првенствено индивидуално, а потоа и колективно на собирите што што ќе ги имаме до првенството, ќе се стремиме да бидеме и да изгледаме на нивоа подобри од сите години претходно. Ми се допаѓаат вакви предизвици, голема мотивација да се игра против репрезентации, кои го држат европскиот левел на ракометот. Сплотеноста меѓу нас треба да ја задржиме, ние сме една целина, една фамилија, играме за нашата Македонија. Можеби тоа јавноста не го чувствува, но најважно е што ние тоа го чувствуваме, знаеме и на крај веруваме дека целиот труд ќе се исплати. Со Срце за Македонија!”, изјави Ристовска за 24Ракомет.
Македонија во првото коло ќе се соочат со Шведска, потоа во второто коло ќе играат против Турција и последниот натпревар од групната фаза ќе го одиграат против домашната селекција.
Грчевски: Можеше да биде и подобро, ни и полошо – ќе се обидеме да ја поминеме групата
Македонија на ЕП отвора со Шведска, на крај игра со домаќинот
Македонија ќе игра во Дебрецин – еве кои се ривалите на ЕП 2024!