Рекордерот од Бундес лигата кажа КРАЈ – Линдберг ја заврши кариерата на 44 години!

Данската легенда Ханс Линдберг и официјално стави крај на својата богата играчка кариера, но нема целосно да се оддалечи од ракометот.

Рекордерот по број на голови во Бундес лигата останува дел од данскиот клуб ХОЈ, каде ќе ја извршува функцијата спортски директор.

Линдберг, кој во кариерата освои речиси сè што можеше да се освои на клупски и репрезентативен план, последниот натпреварувачки период го мина токму во ХОЈ Елит. Сепак, крајот на кариерата не беше идеален, бидејќи клубот испадна во Втората лига.

И покрај тоа, 44-годишниот Данец реши да остане во средината каде што ги направи првите ракометни чекори.

„ХОЈ е нешто навистина посебно за мене, затоа што тука ја започнав мојата ракометна кариера. Со нетрпение очекувам да го споделам искуството и знаењето што го стекнав низ сите овие години во светот на ракометот, со цел клубот да го подигнеме на уште повисоко ниво“, изјави Линдберг.

Тој истакна дека амбициите на клубот целосно се совпаѓаат со неговиот карактер и менталитет.

„Клубот го водат посветени и компетентни луѓе, а амбициите за иднината се огромни – тоа совршено ми одговара. Гледам голем потенцијал и сакам да помогнам тој да се реализира“, додаде легендарното десно крило.