Радовиш ќе игра бараж за Супер лига!

Ракометарите на Радовиш ќе имаат шанса по една сезона во прволигашката конкуренција да се вратат назад во елитата. Избраниците на Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев освоија златен бод на гостувањето кај Драчево, 35-35 и го потврдија второто место на табелата во Првата лига.

Сега радовишани имаат недостижни 30 бода на второто место, па Младост Богданци дури и со три бода во последното коло нема да може да ги престигне.

Богданчани имаат 27 бодови, двете екипи си поделија по една победа во меѓусебните натпревари, (29-26 во Богданци, 25-22 во Радовиш), но Радовиш има повеќе постигнати голови на гости и во случај дури и да загуби во последното коло од Шампион, а Младост Богданци да ја совлада Македонија ЃП, Радовиш ќе остане втор.

Натпреварот во Кисела Вода беше драматичен и неизвесен до самиот крај. Драчевци имаа контрола на играта во првиот дел кога најчесто и беа во водство, но во вториот дел паднаа во ритамот што сами го наметнаа.

Радовиш ја презема контролата на играта, успеа да поведе со три гола во финишот, 33-30, но Драчево не се откажа во борбата барем за бод. Радовиш имаше напад на триесетина секунди до крајот, немаше реализација и домашниот стратег Велимир Настески викна тајм-аут.

За пет секунди неговите избраници организираа акција, бекот Ферукоски упати удар, кој заврши во гостинската мрежа за 35-35. Сепак Радовиш и со бод ја оствари целта.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Дука со осум и Ферукоски со седум погодоци, додека кај Радовиш, најекспониран во нападот беше Постолов, кој постигна 12 гола.

Ривалот на Радовиш во бараж средбата ќе биде познат откако ќе се компелтираат натпреварите од суперлигашкиот плеј-аут, каде во комбинација остануваат Еурофарм Пелистер 2, Прилеп и Куманово.