Прилеп гради екипа за плеј-оф: Нов договор за Никола Цветаноски!

Прилеп продолжува да го гради тимот со кој во следната сезона ќе атакува на место во плеј-офот на Супер лигата, а раководството успеа да задржи уште еден од клучните ракометари во ростерот.

По ангажирањето на Благојче Трајкоски од Бутел Скопје, Петар Маркоски од Еурофарм Пелистер 2 и Андреј Стојановски од Пролет, како и продолжувањето на соработката со тренерот Наум Танески, најдобриот стрелец Димитар Димитриоски и Никола Шипинкоски, прилепчани договорија нова соработка и со левиот бек Никола Цветаноски.

Цветаноски е дел од Прилеп од сезоната 2021/22, со исклучок на првиот дел од минатата сезона кога имаше кратка интернационална авантура во словенечка Ајдовшчина. Тој важи за еден од најквалитетните леви бекови во македонскиот шампионат, играч кој подеднакво успешно ги извршува задачите и во нападот и во одбраната.

Неговото останување претставува голема добивка за составот на Наум Танески, особено ако се има предвид дека клубот веќе три сезони по ред не успева да обезбеди место во плеј-оф фазата, а во претходните две сезони беше многу блиску до остварување на таа цел.

Во Прилеп не ја кријат амбицијата во сезоната 2026/27 повторно да бидат дел од друштвото на најдобрите и да се најдат меѓу шесте најдобри екипи во македонскиот шампионат.