Завесата во македонската Супер лига ќе биде спуштена в недела, кога ќе биде одреден последниот патник во елитната конкуренција за следната сезона. За тоа место ќе се борат Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш на неутрален терен во салата во Автокоманда.
Битолчани завршија на третото место во суперлигашкиот плеј-аут и мораат да играат за опстанок, откако РФМ среде сезона реши да менува систем на натпреварувања и да испаднат пет екипи од Супер лигата.
Радовишани, пак, беа втори во прволигашкиот плеј-оф и ќе имаат шанса по година дена пауза да се изборат за камбек во елитата.
Тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Михаил Петровски, очекува тврд натпревар, кој има голем влог, но не бега од фаворитската улога.
„Не очекува тврд натпревар, доста значаен за двете екипи, а влогот е Супер лига. Ние не криеме дека сме фаворити и одиме на победа, добро се подготвивме за овој натпревар. Успеавме во краткото време да го анализиравме противникот и сигурен сум дека достојно ќе се претставиме во недела и ќе го зачуваме суперлигашкиот статус“, вели Петровски.
Тој смета дека радовишани се спој на младост и неколкумина искусни ракометари, борбени до максимум на секој натпревар.
„Екипата на Радовиш е млада екипа потпомогната со искусни играчи како Постолов и Стојановски, кои имаат и суперлигашко искуство. Станува збор за екипа која ја краси борбеноста на секој меч до самиот крај. Сепак мислам наша предност е тоа што игравме Супер лига каде екипите се доста поквалитетни и тоа искуство кое го собравме во тие натпревари, треба да ни биде од значајна корист во неделниот натпревар“, заврши Петровски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш се игра в недела во салата во Автокоманда со почеток во 16:00 часот.