Поранешниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Алем Хаџиќ, направи голем чекор во својата кариера. Репрезентативецот на Босна и Херцеговина и официјално потпиша договор со германскиот Хамбург, па од следната сезона ќе биде дел од најсилното национално првенство во светот – Бундес лигата.
Младиот среден бек експресно пронајде нов ангажман по разделбата со битолскиот клуб, а довербата му ја укажа поранешниот европски шампион. На стартот, Хаџиќ ќе биде дел од вториот состав на Хамбург кој се натпреварува во Третата Бундес лига.
Хаџиќ во Битола пристигна во 2023 година од босанскиот Коњух Живинице. Прво беше дел од вториот тим на Еурофарм Пелистер, но со своите одлични настапи брзо се избори за место во првиот состав.
Во дресот на битолчани стекна драгоцено искуство и на европската сцена, настапувајќи две сезони во Лигата на шампионите против најсилните европски клубови.
Значаен белег остави и во младинската конкуренција. Како член на младинскиот тим на Еурофарм Пелистер, во сезоната 2024/25 беше дел од генерацијата која испиша клупска историја со пласманот на Ф4 турнирот од младинската Лига на шампионите во Келн.
Трансферот во Хамбург претставува нов чекор напред во кариерата на талентираниот босански репрезентативец, кој ќе има можност да се докажува во конкуренција на најдобрите светски ракометари во германската Бундес лига.
























