Прв проблем за европскиот ривал на Вардар – Мелсунген без капитенот

Вардар и Мелсунген повторно ќе бидат на иста европска линија, но овојпат во најсилното натпреварување – Лигата на шампионите. Германскиот тим, кој лани беше еден од ривалите на „црвено-црните“ во Европската лига, новата сезона ја почнува со проблем, откако капитенот Тимо Кастенинг ќе го пропушти стартот на сезоната поради операција на петата.

Двата тима, и Вардар и Мелсунген се дел од истата група во Лигата на шампионите и веќе на стартот од новата европска сезона треба да играат меѓусебе. Тоа ќе биде нова епизода од нивниот дуел, само неколку месеци по сезоната во која Вардар двапати го совлада германскиот состав во Европската лига.

Мелсунген објави дека 31-годишното десно крило Тимо Кастенинг, капитен и еден од лидерите на тимот, нема да биде на располагање на стартот на подготовките за сезоната 2026/27. Тој заработил повреда на петата на завршниот турнир од Европската лига, по што морал да биде опериран, а паузата ќе биде подолга.

Повредата се случила во финалето на ЕХФ Европската лига против Кил, натпревар во кој Кастенинг постигна важен гол за 22-21 во 56. минута, но веднаш потоа го напушти теренот. Подоцнежните лекарски прегледи покажаа дека е потребен оперативен зафат.

За Мелсунген ова е удар во период кога клубот првпат се подготвува за настап во Лигата на шампионите. Германците до елитата стигнаа како освојувачи на Европската лига, откако на Ф4 турнирот во Хамбург го победија Кил и го освоија првиот голем европски трофеј во клупската историја.

Интересно е што токму Вардар беше тимот што минатата сезона двапати го совлада Мелсунген во Европската лига. Во Скопје „црвено-црните“ славеа со 37-33, а потоа уште поубедливо победија и на гостувањето во Германија со 34-25.

И покрај тие два порази од Вардар, Мелсунген успеа да го продолжи европскиот пат, стигна до завршниот турнир, а потоа и до трофејот во Европската лига. Со тоа германскиот тим доби право да игра во Лигата на шампионите, во новиот формат на натпреварувањето.

Вардар и Мелсунген се дел од групата Б, заедно со француски Нант и полска Висла Плоцк. Тоа значи дека македонскиот шампион ќе има силна, но и привлечна група, во која повторната пресметка со Мелсунген носи посебна тежина поради ланските дуели во Европската лига.

За Мелсунген, отсуството на Кастенинг може да биде сериозен проблем, особено ако неговото враќање се одложи до почетокот на официјалните натпревари. Германскиот клуб ќе го пополнува ростерот во подготовките со 19-годишниот Леон Штел, кој ќе се приклучи на тренинзите и тест-натпреварите во следните два месеци.

____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________