Тимот на Струга го започна екипирањето за наредната сезона, а првото ново име би требало да биде искусен чувар на мрежата. Според информациите на 24Ракомет, битолчанецот Мартин Јовановски би можел да се врати во Струга, каде што бранеше во сезоната 2020/21.
Тој не е повеќе дел од Еурофарм Пелистер 2, каде што бранеше минатите две сезони и ќе има нов предизвик во кариерата.
Јовановски покрај во матичниот клуб, бранеше во некогашниот ХЈС Работник, беше дел од Прилеп и Охрид во Македонија, а секаде имаше одлични изданија и повеќепати беше дел од тимот на колото во изборот на 24Ракомет.
На меѓународна сцена настапуваше за Анортозис од Кипар, шампионот на Алжир – Петролие, а има уште две искуства – во финската екипа ХИФК и германскиот ТУС Дансенберг.
Стружани летово останаа без десниот бек Мајдуб (Младост Богданци), Наум Костов и Филип Мечкароски се преселија во Куманово, додека Војо Клењоски замина во Автокоманда во тимот на „витамините“.

























