Бутел Скопје на шопинг кај шампионот Вардар – се поднови со десен бек

Тимот на Бутел Скопје продолжува со формирањето на играчкиот ростер за наредната сезона во која влегува со амбициите за најмалку истиот резултат од минатата сезона кога заврши веднаш зад големата четворка.

Ново име во составот на Бутел Скопје е десниот бек Кристијан Стаменковиќ, кој доаѓа од шампионот Вардар. Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија играше во „црвено-црниот“ тим две сезони, а претходно беше дел од Голден Арт.

Бутелци почнуваат нова ера со Стојанче Стоилов на кормилото, а досега ги потврдија ангажманите на голманите Градимир Чаневски и Марко Богдановски, како и на младите Андреј Ѓорѓески (лев бек) и Тодор Аксентиев (десен бек). Доаѓаат и две леви крила – кадетскиот репрезентативец Тома Симоновски и Давид Аврамовски, најдобриот стрелец на Аеродром.

Десните крила Бојан Спасовски и Стефан Зенговски ги продолжија договорите, а истото го направија левиот бек Теодор Тодески и кружниот напаѓач Дејан Михајловиќ, како и двајцата младински репрезентативци Марко Каевски и Давид Јаневски.

Клубот се раздели со браќата Узунчеви, голманите Стојаноски и Трајкоски, како и Киселовски, Шилегов, Ѓурмешевиќ и Новаковски.

____________________________________________________________________________________________________
 ▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________