Полскиот клуб Азоти Пулави објави една од најтешките вести во својата историја. Поради сериозни финансиски проблеми, клубот нема да учествува во новата сезона од прволигашката конкуренција, второ по ранг натпреврување во Полска.
Во официјалното соопштение, од клубот истакнаа дека со месеци се обидувале да обезбедат финансиска стабилност и да пронајдат решение за продолжување на натпреварувањето, но сите напори биле безуспешни.
„Ова е одлука што никогаш не сакавме да ја донесеме. По многубројни разговори и обиди да обезбедиме нормално функционирање на клубот, принудени сме да соопштиме дека нема да настапиме во Првата лига поради недостиг на финансиски средства“, стои во соопштението.
Азоти Пулави со години беше еден од најпрепознатливите полски клубови, освојуваше медали во домашното првенство и редовно настапуваше во европските купови, каде што во повеќе наврати се среќаваше и со македонски екипи.
Во овој клуб бранеа македонските чувари на мрежата Даниел Дупјачанец и Андреј Петковски, кој минатата сезона беше дел од Азоти.
Сепак, клубот нема целосно да престане со работа. Раководството најави дека ќе продолжи да функционира преку работата со младинските категории, а паралелно ќе работи и на враќање на сениорскиот тим.


























